Гори фабриката „Макпрогрес“ во Виница
Пожарникари од неколку општини веќе се вклучени во гаснењето на пожарот

Голем пожар изби во фабриката “Макпрогрес“, позната по брендот “Винчини“.Во моментов како што информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, со огнот е зафатен еден погон.
Локалните винички пожарникари со подршка на пожарникари од Кочани се обидуваат да го спречат ширењето на огнот кон останатите погони. На помош тргнаа пожарникари од Штип, Св. Николе, Струмица и Пробиштип.
„ Денеска во 18.40 часот, во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112 е добиена пријава за пожар во фабриката за кандирани производи и вафли „Винчини“ во Виница. Пожарот избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката. На терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари“, соопшти директорот на ЦУК, Мухамед Али.
До градоначалникот на Виница е дадена насока да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини, додава директорот на ЦУК.
– Веќе се вклучени ТППЕ Кочани и ДПД Кочани со сите свои капацитети и ресурси, а поддршка е побарана и од Општина Македонска Каменица и од Општина Штип. Доколку биде потребно, ќе се ангажираат сили и од други општини. Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари, вели Али.
Макпрогрес ДОО Виница e претпријатие основано во 1990 година кое претставува еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија со пласман на своите производи во преку 45 држави во светот (75% од производството е наменето за извоз).