Големи очекувања: Може ли Меркел да ја спаси ЕУ?


Во големата криза на Европа, Германија го презема претседателството со ЕУ. „Ние, граѓаните на ЕУ, сме за наша среќа обединети”, постојано потенцираше Меркел. Сега нештата стануваат сериозни

 

Не е претерано кога се вели дека сме исправени пред најголемиот економски предизвик во историјата на ЕУ.” Така канцеларката Меркел деновиве повторно ја појаснува ситуацијата во ЕУ меѓу корона, економски потрес и замор од Европа. Таквиот предизвик е задача за Меркел.

Притоа е факт: односот Меркел-ЕУ не е лесен. За последниот канцелар пред неа, од редовите на Унијата, Хелмут Кол, Европа, заради сопственото страдање во Втората светска војна, беше животна тема која лежи на срце. Војна и загуби, почетоците на европската соработка, развојот од непријатели во пријатели сѐ до пријателството со францускиот претседател Франсоа Митеран, особено до воведувањето на еврото. Тоа беше мотивот на политичкиот живот на Кол. Иако партиските пријатели по крахот со конзервативните сопартијци и збогувањето од политичката сцена се дистанцираа од Кол, за нив тој остана големиот Европеец, како и Конрад Аденауер.

Погледот на Меркел однадвор

А, Меркел? Интерно во партијата се зборувало дека во однос на темата Европа има премногу трезно размислување. Во првото полугодие од 2007, едвај година и пол канцеларка, веќе еднаш беше на чело на европското претседателство. На првиот говор (17.01.2007) во Европсккот парламент зборуваше за својот живот: „Цел живот го имам поминато во Европа. Но, во ЕУ сум се’ уште младинец, оти пораснав во поранешна Источна Германија. До мојата 35. година ЕУ ја знаев само однадвор, а од 1990 и одвнатре.”

Frankreich | Angela Merkel im Europaparlament in Straßburg 2007 (picture-alliance/dpa/P. Seeger)Меркел во Европскиот парламент на 17 јануари 2007 година зборуваше за својот живот

Среќно обединети во ЕУ

Сепак, тогаш 52-годишната Меркел неколку недели подоцна, по повод прославата на 50-годишнината од Римските договори, кои се сметаат за документи за основање на модерна Европа, даде изјава која од тогаш важи за една од клучните за време на нејзините мандати како канцеларка:

„Ние, граѓаните на ЕУ, сме за наша среќа обединети.” Таквата повеќезначна формулација се појавува оттогаш во говорите на Меркел за европската политика и им дава тежина. Но, без разлика дали во париската Елисејска палата е Жак Ширак (до 2007), Никола Саркози (2007-2012), или Франсоа Оланд (2012-2017), со ниту еден претседател на Франција Меркел не се осмели на храбар чекор кон ново европско будење – против малодушноста, против популистите.

И кога Емануел Макрон пред три години стана претседател, многумина чекаа на голем европски проект од германско-францускиот тандем. За време на предизборната кампања Французинот беше повеќепати во Берлин. Зборуваше пред преполни сали на универзитети, во кои слушаа и познати социјалдемократи, но ретко претставник на Унијата. Макрон формулираше визии, ширеше оптимизам. Но, по неговиот избор? Ништо не се случи. На неговиот силен сервис Меркел не возврати никако.

Пукнатини во европската куќа

Сега, во кризата 2020, Меркел делува одлучно и проактивно. Како да ја потресле пукнатините во европската заедничка куќа кои следеа по изолирањето на националните држави во жешката фаза на пандемијата на корона и на ре-национализацијата. Нејзините соработници раскажуваат дека за – сега веќе 65-годишната – Меркел темата Европа станала нешто што ѝ лежи на срце, исто како и на Кол некогаш. Барем делумно попушти долгогодишниот отпор кон заедничко задолжување и кон средината на мај со Макрон се погрижи речиси за оптимистичко расположение откако најавија веќе тешко замислив финансиски пакет. Таквиот корона-пакет, кој пред сѐ треба да им користи на земји како Италија и Шпанија, треба да биде финансиран од заедничко задолжување. „Ваква криза бара соодветен одговор”, изјави Меркел на заедничка прес-конференција со францускиот претседател кон средината на мај. Таа беше во својот кабинет во Берлин, тој во Елисејската палата, а сепак делуваше дека се зближени.

EU Merkel und Macron | Aufbauprogramm für Europa (REUTERS)Прес-конференција на Меркел и Макрон (18.05.2020)

Крајот на крвното непријателство

Нагласениот заеднички настап требаше да потцрта дека германски-францускиот мотор повторно работи. Меркел и Макрон потсетија на основите на ЕУ. Кој во Берлин се движи меѓу партиската централа на ЦДУ, седиштето на владата и Бундестагот, попусто би барал споменик за потсетување на чудото на европското обединување. Но, на патот од централата на ЦДУ кон фондацијата „Конрад Аденауер“, блиска до ЦДУ, се наоѓа споменик за германско-француското помирување. Потсетник за помирување на крвни непријатели во две светски војни. Во центарот, на маргините на Тиргартен во Берлин, се поставени портретите од Шарл Де Гол (1890-1970) и Конрад Аденауер (1876-1967). Францускиот претседател (1958-1969) и германскиот канцелар (1949-1963) меѓусебно се држат за раце. Споменикот потсетува на германско-францускиот договор за пријателство од 1963 година.

Подавање рака преку гробници

На отворањето на споменикот во 2003. дојдоа познати гости: канцеларот Герхард Шредер (1998-2005), канцеларот Хелмут Кол (1983-1998), Ангела Меркел, во тоа време шефица на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот и претседател на партијата, како и поранешниот претседател на Германија, Роман Херцог и францускиот министер за надворешни работи, Доминик де Вилпен.

Историските заслуги на Хелмут Кол

Двете земји во урнатините на поствоена Европа по 1945 година станаа мотор на европското обединување. Актерите во првите европски подеми беа Французите, Германците и Италијанците. Но, по Хелмут Кол и Франсоа Митеран, двајцата толку различни политичари, кои во 1984. си подадоа рака преку гробниците на германски војници во Верден, во европската политика настапи вакуум.

Доцниот заеднички настап на Меркел и Макрон треба повторно да ги обедини и економски да ги зајакне членките на ЕУ. „Да се надеваме дека Франција и Германија ќе станат повторно мотор на европското обединување”, вели италијанско-германскиот филозоф Виторио Хезле во разговор со ДВ.

Продлабочување или кула од карти?

По Хелмут Кол „малку е сторено за продлабочување на европскиот процес на обединување”. Сега Меркел, која завлезе во својата последна европска етапа, и Макрон, сакаат повторно економски да ја засилат Европа.

USA | Philosoph Vittorio Hösle (picture-alliance/akg-images)Хезле: Ако не се направат натамошни чекори за продлабочување на ЕУ, таа може да се распадне како кула од карти

Тоа е актуелното, но не и единствено европско „градилиште”. Можеби Меркел со голем напор ќе успее да се смести во рангот на Аденауер и Кол. Филозофот Хезле, кој во 1990-те бил советник во кабинетот на канцеларот, се надева дека ЕУ нема да остане само епизода, туку ќе стане цела епоха и дека ќе има посилно европско обединување во правец на сојузна држава. Инаку, според Хезле, не се пишува добро: „Ако не се направат натамошни чекори за продлабочување на ЕУ, таа може да се распадне како кула од карти”.

Она што ја чека Меркел и Германија не е мала работа. (Дојче Веле)