Голем протестен марш во Париз поради недостигот на гориво и раст на трошоците


 

Илјадници демонстранти маршираа вчера во Париз, но и во Берлин, изразувајќи незадоволство од растот на цените, како и немањето доволно гориво.

Три седмици по штрајкот во рафинериите за нафта кој предизвика недостиг на гориво ширум Франција, десетици илјади демонстранти вчера, маршираа во Париз, искажувајќи лутина поради последиците од инфлацијата во Франција.

Демонстрациите против растечките трошоци за живот ги организираше левичарската политичка партија која е во опозиција, Непокорена Франција, предводена од Жан-Лук Меланшон.

Силите за безбедност во неколку наврати испалија солзавец и користеа сила откако граѓаните ги гаѓаа со предмети, додека на мета беа и неколку продавници и една банка.

Некои демонстранти носеа жолти флуоресцентни елеци, симбол на насилните антивладини протести од 2018 година, кои ја потресоа центристичката влада на претседателот Емануел Макрон.

„Ќе имаме недела каква што не гледаме често“, изјави Меланшон вчера.

Организаторите тврдат дека се собрале 140.000 луѓе, а полицијата забележа 30.000.

Неколку француски синдикати, но не сите, најавија штрајк за вторник, за кој се очекува дека ќе влијае на патниот сообраќај, возовите и јавниот сектор.

Четири од седум француски рафинерии се затворени затоа што управата одбива да ги зголеми платите на работниците, што доведе до немање гориво.

Французите бараат повисоки плати, подобра владина политика во намалувањето на последиците од инфлацијата, а загрижени се и заради најавата на Макрон дека ќе ја зголеми возраста за пензионирање над 62 години.

Берлин

И во главниот град на Германија, вчера се протестираше, поради континуираното поскапување. Неколку стотици демонстранти, собрани пред државните институции, порачаа дека се загрижени заради условите во кои живеат луѓето.

Стапката на инфлација во Германија изнесува 8,9 отсто и е највисока во последните 50 години. Властите се повикани да им помогнат на сиромашните и на своето население да му овозможи здрава храна.

Освен тоа, побарано е на граѓаните да им се овозможи да плаќаат станарина и финансиски да се поддржат оние со ниски примања.

Претседателот на мрежата за поддршка Михаел Стифел укажа дека германското општество станува сѐ повеќе поделено. Со истражувањето на осигурителното друштво R+V Versicherung утврдено е дека граѓаните најмногу се плашат поради растот на егзистенцијалните трошоци. Тоа значи дека многумина не можат да платат станарина, пренесе Еуроњус.