Годишната инфлација во Грција 12 отсто, природниот гас за една година поскапен за 332 проценти


 

Годишната инфлација во Грција за месец септември се искачи на 12 отсто, а за една година, цената на природниот гас се зголемила за 332 проценти, според официјалните податоци од грчката служба за статистика, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно месечниот извештај за инфлацијата и цените во Грција, општиот индекс на потрошувачки цени во септември 2022 година во споредба со соодветниот индекс од август 2022 година, бележи пораст од 2,9 отсто, додека пак просечниот индекс на потрошувачки цени за 12 месеци, односно од октомври 2021 година до септември годинава, во споредба со соодветниот индекс една година претходно, покажа пораст од 8,7 проценти.

За една година, од ланскиот септември до септември годинава, најголемо зголемување на цените има кај природниот гас за 332 проценти, на нафтата за греење за 65,1 отсто електричната енергија е за 30,5 проценти поскапа, а зголемување на цените има и кај прехранбените продукти.

Млечните производи и јајцата се поскапи за 23,3 проценти, лебот и житните производи за 18,4 отсто, месото за 17,6 отсто, маслата и мастите за 17 проценти итн.

Годишната инфлација во Грција во март беше 8,9 отсто, во април 10,2 отсто, во мај 11,3 проценти, во јуни достигна рекордни 12,1 отсто, во јули изнесуваше 11,6 проценти, во август се намали на 11,4 отсто, за сега, повторно се зголеми на 12 проценти.