Годинава капиталните инвестиции ќе завршат на ниво поголемо од 70 отсто, вели Мицкоски


„Капиталните инвестиции оваа година ќе завршат на ниво поголемо од седумдесетина проценти, од тоа што беше предвидено и планирано. И мислам дека секогаш може да биде подобро, но оваа беше изборна година, првата половина беше таква каква што беше. Ценам дека оваа реализација е сосема коректна“, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека следната година е година каде што е предвиден рекорден буџет за капиталните инвестиции, не само за државните и владини проекти, туку и за општинските проекти.

„Тука, секако морам да ја споменам и поддршката кон економијата, директна којашто ја даде Владата. Односно онаа поддршка за инвестициите на економските оператори од 2,5 милијарди денари, што е поголема од 2022 и 2023 година. Исто така, 2,5 милијарди се дадени преку ТИРЗ. Тука да не го заборавиме и оној кредит со 1,95 проценти каматна стапка, којшто од јануари веќе ќе биде достапен на македонската економија“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како е задоволен од реализацијата на капиталните инвестиции оваа година.