Го поминавме најдлабокото дно на рецесијата: Интервју со професор Александар Стојков
Позначајно е да ги компензираме и да ги помогнеме граѓаните и фирмите кои се жртви на пандемијата, отколку да го погодиме точниот процент на намалување на БДП, вели за „Независен“, универзитетскиот професор д-р Александар Стојков
Мирче Јовановски
Извонредно важно е да го смениме наративот во нашето општество и наместо за „криза“, да почнеме да зборуваме за „заздравување“, „обнова“, „раст“, „нормализирање“, „враќање кон нормалата“, вели во интервју за „Независен“, д-р Александар Стојков, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ. Стојков не пропагира лечење преку автосугестија, во стилот на познатата реплика „секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам“, туку се залага за напуштање на практиките на самооплакување и за поттикнување на конструктивни дискусии за излезни решенија, фокусираност на идниот инклузивен економски раст, чии придобивки ќе ги почувствуваат што поголем број граѓани.
Забрзувањето на европската интеграција треба да биде катализатор за реформите, вели тој, и додава дека загубите на домашното производство само во 2020 и 2021 година се проценуваат на околу 3,7 милијарди евра.
„Чесно е да се истакне дека товарот на кризата не е еднакво распределен. Најтешкиот удар на кризата ќе го понесат некои категории на граѓани (самохрани родители, нови невработени над 50-годишна возраст, новите генерации кои првпат се појавуваат на пазарот на работна сила, долгорочно невработените и сл.). Ним мора да им се помогне во периодот на кризата и по неа“, вели професорот Стојков.
Професоре Стојков како поранешен член на Советот на НБМ, но и како универзитетски професор, како гледате на случајот Еуростандард банка и одлуката на Народната банка да ја одземе дозволата за работа на банката? Дали ваквиот исход беше неминовен?
Одлуката е донесена по завршувањето на мојот мандат како надворешен член на Советот на Народната банка и оттука не располагам со доволно информации. Од јавно објавеното решение донесено од страна на гувернерката може да се заклучи дека банката имала негативна стапка на адекватност на капиталот (-4,14%) и дека била несолвентна. Вонтеренското следење на банката покажало дека банката не била во можност да одговори на претстојните обврски кон клиентите. Таа била должна да одржува стапка на адекватност на капиталот од најмалку 8 проценти, односно нејзиниот сопствен капитал не смеел да падне под 8 проценти од обемот на направените вложувања, откако ќе се земе предвид ризикот на тие вложувања. Превентивните механизми не вродиле со плод, капиталот на банката бил „подјаден“ и отворањето на стечајната постапка било неминовно.
Може ли пропаѓањето на Еуростандард банка да предизвика дополнителни последици врз банкарскиот сектор во целина, во смисла на губење на довербата, повлекување на депозитите и тн?
Пропаста на банката предизвикува трагични човечки судбини. Дел од штедачите не ќе можат да си ги спасат заштедите, а правните лица ќе мораат да чекаат на наплата на процент од стечајната маса за да вратат дел од своите депозити. Искрено се надевам дека многу од вработените ќе бидат прифатени во другите финансиски институции. Инаку, активата на банката беше мал процент од вкупната актива на целиот банкарски систем и оттука не предизвика поголема турбуленција во банкарскиот систем. Веројатно се подразбира дека супервизијата над останатите банки во период на рецесија предизвикана од пандемијата ќе биде многу поригорозна. Очекувам и брзо да се реагира во превентивна насока, доколку се воочи макар и краток тренд на намалување на стапката на адекватност на капиталот. Од сите банки се очекува да работат многу внимателно со средствата на депонентите. Тие мораат да располагаат со задоволително ниво на капитал за да ја одржат својата ликвидност, солвентност и стабилност и да ја зачуваат довербата на своите депоненти (штедачи). Ова посебно важи за банките, кои покажуваа слабости и пред пандемијата. И претходно, гувернерите укажуваа дека се потребни окрупнување и/или докапитализација на банките, за да може полесно да се справат со неповолни шокови и подобро да управуваат со ризиците. Можно е одредено преместување на депозитите кон банките со подобри финансиски перформанси, дури и ако цената на тој потег е понизок принос од камата на депозитите, но тоа нема да биде во големи размери.
Фондот за осигурување на депозитите е силна алатка за обезбедување на сигурноста на заштедите, но пропаѓањето на Еуростандард банка им нанесе тешкотии на фирмите-комитенти на банката кои не се покриени со систем на заштита и кои своите побарувања треба да ги бараат во стечајната постапка. Може ли ова да има дополнителни последици не само врз овие фирми, туку и врз други со кои тие соработуваат, па и врз други банки чии комитенти се?
Познавам неколку сопственици на трговски друштва кои имаа сметки и депозити во Еуростандард банка. Повеќето од нив работат со неколку жиро сметки во различни банки за да го дисперзираат или распространат ризикот. Но, за разлика од физичките лица, тие треба да чекаат да наплатат дел од „заробените средства“ од стечајната маса на банката. Мислам дека законското решение во повеќе европски држави, како на пример во Хрватска е подобро, бидејќи ги обесштетува сите депоненти до еден износ (во нивниот случај, 100.000 евра), без оглед дали се физички лица или трговски друштва. Зошто слободните парични средства на некоја семејна фирма во износ од 25.000 евра да ја чекаат неизвесната разрешница од стечајната постапка? Прво, системот на осигурување на депозитите мора да ги опфати и расположливите парични средства на трговските друштва. Сегашната законска рамка ги става фирмите во неповолна положба во однос на физичките лица и овој системски пропуст мора да се надмине. Второ, банките ќе треба во иднина да одвојуваат поголем процент на средства во Фондот за осигурување на депозити за да го дополнат фондот и за да може да се санира и поголема банкарска хаварија. Трето, Народната банка компетентно го менаџира процесот и влева доверба во банкарскиот систем и во стабилноста на македонскиот денар, изолирајќи и санирајќи го неговиот проблематичен сегмент. Можни се неповолни домино ефекти, особено кај микро и малите претпријатија, кои се најранливиот сегмент од македонската економија во 2020 година. Сепак, тоа нема да има позначаен макроекономски ефект.
Дали мислите дека беше реална опцијата за продавање на Еуростандард банка, за што, како што соопштија дел од акционерите на банката, имало заинтересиран инвеститор од Дубаи? Дали за такво нешто е доволно само изразување подготвеност и каква е улогата на централните банки во таквиот процес?
Прашањето е сосема легитимно, но немам информации и не би сакал да шпекулирам. Убеден сум дека секоја централна банка сака да се спроведе успешна докапитализација и секогаш дава нова (законски возможна) шанса за проблематичната банка.
Колку се реални барањата да се прекине стечајната постапка врз Еуростандард банка?
Во оваа фаза работите се отидени предалеку и како што слушнавме и од раководството на Народната банка не постои законска можност работите да се вратат во претходната состојба. Според решението на Народната банка, условите за воведување стечајна постапка во банката се исполнети.
Народната банка деновиве соопшти дека добила пристап до т.н. репо заем од ЕЦБ во износ од 400 милиони евра. Што значи ваквата резерва за финансиската стабилност во земјава?
Иако располагаме со комотно ниво на девизни резерви од 3,6 милијарди евра, добредојдена е секоја можност за зајакнување на финансиската стабилност. Кредитната линија од Европската централна банка е на располагање до јуни 2021 година. Народната банка може да позајми до 400 милиони евра, доколку има потреба, со максимален рок на враќање на позајмените средства од три месеци. Потегот е одличен и ќе делува како превентива и дополнителен бедем пред можните (и сосема непотребни) шпекулативни напади на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Мислам дека најтешкото e зад нас и дека го поминавме најдлабокото дно на рецесијата.
Македонија годинава се задолжи прилично на меѓународниот пазар на капитал преку издавање на еврообврзница, но и кај меѓународните финансиски институции. Дали ова ниво на задолжување ќе биде доволно да ѝ се помогне на економијата во време на корона криза и дали Македонија има капацитет за ново задолжување, доколку е потребно?
Надворешното задолжување во износ од 700 милиони евра преку издадената еврообврзница засега е доволно за буџетските потреби за 2020 година. Се разбира, зависи каква ќе биде епидемиолошката ситуација наесен и како фирмите ќе се справуваат со рецесијата. Намалената продажба и проблемот на ликвидноста се закана за опстанокот на многу фирми. Навистина е потребен и четврт пакет економски мерки, кој треба да биде насочен кон ранливиот дел на бизнис секторот, пред сè, микро и малите претпријатија и кон социјално ранливите категории граѓани. Точно е дека државата има капацитет за дополнително задолжување. Анализата на одржливоста на јавниот долг направена од ММФ покажува дека доколку долгот се искачи на 70 отсто од БДП, тогаш влегуваме во високоризично сценарио. Сепак, подобро е прво да се направат кратења на некои буџетски расходи, пред да се оди во нови задолжувања.
Еден од предметите кои ги предавате на Правниот факултет е токму управувањето со јавниот долг, кој кај нас е веќе на границата од 60 отсто од БДП. Дали влегуваме во зоната на презадолженост и што значи тоа за економските перспективи на земјата?
Сега се наоѓаме пред психолошката граница на јавниот долг од 60 отсто од БДП. Јавниот долг под 60 проценти од БДП или долгот кој со задоволителна брзина се симнува кон 60 отсто од БДП е еден од критериумите за прифаќање на еврото како наднационална валута (мастрихтски критериуми). Доколку сепак го надминеме, нема да влеземе во зона на презадолженост и нестабилност. Зоната на висок ризик во однос на јавниот долг започнува од 70 проценти од БДП нагоре. Во 2015 година Србија имаше јавен долг од 70 проценти од БДП, а Хрватска во 2019 година имаше јавен долг од 73,2 проценти од нејзиниот БДП. Прашањето е дали паметно ќе ги користиме средствата добиени со задолжување, иако најчестиот одговор од минатото беше „не“. Тоа се позајмени пари од иднината, пари кои ќе ги враќаат сегашните и идните генерации. Паралелно со заздравувањето на економијата треба да се прават буџетски заштеди и да се намалува ова ниво на задолженост. Во просек, македонските граѓани се однесуваат многу внимателно со семејните финансии и тoа домаќинско работење треба да се пренесе и во сферата на јавните финансии. Поволна ситуација е што рочноста на јавниот долг е поголема, односно должничкиот товар е распределен на повеќе години.
Како гледате на приоритетите на новата влада, на што треба да се стави фокусот и дали ќе може да се исполнат предизборните ветувања?
Фокусот треба да биде на владеење на правото (со акцент на спречување на корупцијата), зајакнување на капацитетот на институциите преку мерливи индикатори и индикативни таргети, намалување на непродуктивните буџетски трошоци и на нивото на јавниот долг во моментот кога ќе „олабави“ пандемијата и ќе започне економското заздравување. Забрзувањето на европската интеграција треба да биде катализатор за реформите. Особено е важно да се создаде амбиент во кој приватниот сектор ќе создава нови работни места, а младите генерации нема да ја гледаат Македонија како емиграциско биро и дом за старци под еден покрив. Потребна е и поголема заштита на работничките права, која ќе ја санкционира безмилосната експлоатација на пазарот на работна сила, особено во сивата економија. Социо-економските политики мора да се насочат кон намалување на силно изразената доходна нееднаквост и големата сиромаштија. Која е користа доколку следната година имаме раст на БДП од 5 отсто ако плодовите на тој растеж ги уживаат само мал број граѓани? Повторно ќе се актуелизира дебатата за намалување на огромните буџетски расходи и воведување на некоја макар и поблага форма на прогресивен систем на оданочување. Во изминативе три децении имаше многу неостварени ветувања од политичките партии и оптимизмот на граѓаните е веќе во длабока „резерва“, така што потребни се храбри политики и оправдување на довербата.
Вие сте еден од организаторите на „Фри маркет роуд шоу“ кај нас, отворени дебати на кои се промовира пазарната економија. Како гледате на сегашниот пристап во решавање на економските проблеми во светот – напуштање на политиката на штедење, истурање неограничени износи пари во економијата за да се задржи потрошувачката, што некои го нарекуваат „хиперкејнзијанизам”?
По светската финансиска криза од 2007-08 година, се зголеми академската поддршка и поддршката на светската јавност за новите кејнзијански економски политики. Овие политики бараат поголема инволвираност на државата во стабилизирањето на економските текови, активна улога во „плетењето“ на социјалните сигурносни мрежи за најранливите категории од населението, стимулирање на приватната и државната потрошувачка и сл. Сепак, цената на тие политики може да биде прекумерно задолжување на државата, неконтролирано трошење на буџетските средства и иден значителен пораст на даноците. Така на пример, политиката на парична помош од 100 евра за секој полнолетен граѓанин, како што ја спроведе Србија, е типичен пример на т.н. „фрлање пари од хеликоптер“. Поблиска ми е идејата дека само оние со понизок месечен нето-доход од 40.000 денари (или друг сличен праг) треба да добијат таква финансиска помош. Според тоа, потребен е фискален стимул, но само каде што има потреба.
Секоја година на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје гостуваат претставници на Австриската економска школа, кои ја промовираат моќта на слободниот пазар (Free Market Road Show). Ми се допаѓаат нивните совети за зауздување на распојасаната буџетска потрошувачка, поекономично трошење на буџетските средства и создавање амбиент за иновации и креативна деструкција.
Неодамна на онлајн дебата на Правниот факултет одговаравте на прашања на студентите за корона кризата каде што, меѓу другото, велите дека не може да се проценат последиците од пожарот додека сè уште трае. Сепак, како гледате на потенцијалот на Македонија да излезе од кризата со што помалку лузни, каде е нашата земја во „бушавата азбука“, која ја споменувате алудирајќи на различните варијанти за излез од кризата – латиничните букви V, U, W, L …?
Според сегашните проценки на ММФ, падот на македонскиот БДП во 2020 година ќе биде 4 отсто. Нивното сценарио е дека бруто домашниот производ ќе следи патека слична на латиничната буква „V“, односно дека после падот годинава, во 2021 година ќе има силен раст од 7 отсто. Загубите на домашното производство само во 2020 и 2021 година се проценуваат на околу 3,7 милијарди евра. Чесно е да се истакне дека товарот на кризата не е еднакво распределен. Најтешкиот удар на кризата ќе го понесат некои категории на граѓани (самохрани родители, нови невработени над 50 годишна возраст, новите генерации кои првпат се појавуваат на пазарот на работна сила, долгорочно невработените и сл.). Ним мора да им се помогне во периодот на кризата и по неа. Зад првата црта од „V“ се крие надолно лизгање на доходите на илјадници граѓани, негативни (црвени) салда на трансакциски сметки, минуси на кредитни картички, позајмици од пријатели и роднини, распродажба на имот, нервози и непроспиени ноќи… Кога секому би одзеле 4 отсто од новосоздадениот доход во 2020 година, економската криза би била поподнослива. Но, кога економската неприлика е концентрирана кај ранливите и сиромашните категории на граѓани, и во одредени економски активности (кожарска, текстилна, автомобилска индустрија, производство на електрична опрема, трговија на мало, хотели), загубите на доходот се болни за многу поединци и семејства. Без оглед што загубата од 4 проценти од БДП во 2020 година навидум изгледа како мала казна на пандемијата, овие категории граѓани ќе бидат најголемите жртви на економската криза во 2020 година. Доколку сепак следува поголем пандемиски бран наесен и нови карантини, можно е и сценарио како латиничната буква „W“, односно намалување на бруто домашниот производ од најмалку 7 отсто во 2020 година. Таквото сценарио би нè симнало значително под преткризната патека на економскиот развој. Оттука, позајмените пари во буџетот мора рационално и наменски да се трошат за поддршка на ранливите категории на граѓани и фирми. Во спротивно, ќе се разбудиме посиромашни и позадолжени во 2021 година.
Државниот завод за статистика излезе со податоци за БДП во вториот квартал. Како го коментирате податокот дека БДП падна за дури 12,7 отсто, дали е поради квалитетот и квантитетот на мерките што ги презема техничката влада или покажува подлабоки структурни проблеми на македонската економија, како на пример преголемата зависност од неколку големи извозни компании?
Без финансиска помош од државата, падот на економската активност во вториот квартал од 2020 година ќе беше многу поголем во споредба со истиот период во 2019 година. Намалувањето е концентрирано кај индустријата (-25,2%) и трговијата на големо и мало (-23,4%). И во самата индустрија има варијации, со неповолен исход за 21 индустриска гранка, кои сочинуваат 83,5 отсто од индустриското производство. Падот е страотен кај производството на електрична опрема, производството на останати машини и уреди и кожарската индустрија. Од друга страна, одлични или добри резултати покажуваат фармацевтската индустрија, производството на компјутерски, електронски и оптички производи и производството на хемикалии и хемиски производи. Надвор од индустријата, да не заборавиме дека земјоделието бележи квартален раст од 4,5 отсто, а градежништвото сосема мал пад од 0,5 отсто. Заклучокот е дека различни сектори и компании беа различно погодени во оваа пандемиски предизвикана рецесија, која продолжува и во третиот квартал.
Намалувањето на производството е резултат на повеќе фактори: во каква кондиција била компанијата пред да почне кризата, дали потрошувачите сметале дека нејзините производи се неопходни и во време на криза, колку ја погодиле мерките за ограничување и затворање, каков бил кризниот менаџмент, дали добила финансиска помош од буџетот и сл. Кога извозно ориентираните компании генерираа пораст на производството, вработеноста и трговијата, се гордеевме со нив. Многу од нив сега се соочуваат со намалена продажба и отежнати производство и логистика, но сепак, подобро е што ги имаме. Која беше алтернативата? Замислете да ги немавме овие извозни капацитети… Точно е дека секогаш се препорачува извозна диверзификација во повеќе дејности и производи со цел да се намали ранливоста од вакви огромни падови во трговијата и производството. Ова прашање заслужува поголемо внимание во нормални економски околности, кои циниците ќе речат, дека никогаш и не сме ги имале.
Какви се вашите предвидувања до крајот на годиинава, дали Македонија ќе избегне подлабока рецесија?
Последните проценки за падот на БДП се движат меѓу -3,4% и -6%. Логично, дијапазонот е многу широк поради неизвесноста. Повторно ќе кажам, сè зависи како ќе се развива пандемијата, како компаниите ќе управуваат во овој период и какви ќе бидат ефектите од владините мерки. На крајот, позначајно е да ги компензираме и помогнеме граѓаните и фирмите, кои се жртви на пандемијата, отколку да го погодиме точниот процент на намалување на БДП.
Извонредно важно е да го смениме наративот во нашето општество и да почнеме да зборуваме наместо за „криза“, за „заздравување“, „обнова“, „раст“, „нормализирање“, „враќање кон нормалата“. Не пропагирам лечење преку автосугестија, во стилот на познатата реплика на Славко Штимац „секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам“. Напротив, се залагам за напуштање на практиките на самооплакување и за поттикнување на конструктивни дискусии за излезни решенија, за оптимизам втемелен на планови и цели, за фокусираност на идниот инклузивен економски раст, чии придобивки ќе ги почувствуваат што поголем број наши сограѓани.