„Гнасна кампања на ВМРО-ДПМНЕ против работниците“: Обраќање на Венко Филипче


Фото: Б. Грданоски

 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, презеде невообичаен чекор преку Фејсбук да им се обрати на работниците за да ги поддржи во нивните барања за повисоки плати. Филипче вели дека „ВМРО-ДПМНЕ се служи со секојдневни оцрнувања на прес-конференции за да избега од одговорноста да ви овозможи вам работниците повисоки плати. Сведоци сме на гнасна кампања на ВМРО-ДПМНЕ против секој кој чесно работи, заработува и заслужува достоинствен приход“.

Во обраќањето на Филипче до сите граѓани, а посебно до работниците, понатаму се вели:

„ВМРО-ДПМНЕ има проблем со вас работниците, не со синдикатот. Вие со право барате пристојна плата со која може да се живее, а тие смислуваат подмолни приказни за ве обвинат дека сте политички мотивирани.

На ВМРО-ДПМНЕ му пречи секој што бара праведен приход. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати во услови кога ни три минимални плати не се доволни да се покријат основните трошоци за живот. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати кога владата не прави ништо да го спречи ненормалниот раст на цените. Ова не е политичко прашање, но ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи токму тоа, партиска пресметка за да избегне од одговорност.

Но, зошто кога беа во опозиција, го поддржуваа синдикатот? Зошто тогаш беа за работниците, а сега се против нив? Одговорот на секој од вас му е јасен – тогаш им беше политички згодно, а сега веќе не сте им потребни.

Ова е битка на ВМРО-ДПМНЕ со која конечно ќе стави крај на сите барања, ќе ве замолчи и ќе ве фрли во апатија. Тоа е целта на овие напади и ништо друго.

СДСМ е доследна по ова прашање. И како власт и како опозиција силно се боревме за правата на граѓаните и за достоинствен живот. И ниедна негативна кампања на лаги на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поништи вистината“.