Глобалните резерви на нафта се близу до критична точка
Залихите на нафта што можат веднаш да се пласираат на пазарот се речиси исцрпени, предупредија раководители од енергетскиот сектор на конференција во Лондон, истакнувајќи дека резервите се приближуваат кон „критична точка“.
Владите и енергетските компании посегнуваат по резервите за да ги пополнат празнините во снабдувањето и да го спречат наглиот раст на цените предизвикан од невидени прекини во испораките од Блискиот Исток и Русија поради вооружените конфликти, пренесува Ројтерс.
„Денес во комерцијалните залихи има помалку од шест милијарди барели, но поголемиот дел од нив се практично недостапни, така што системот е веќе под притисок“, предупреди Амин Насер, извршен директор на саудиската државна нафтена компанија „Сауди Арамко“, на конференцијата „Energy Intelligence Forum“ во Лондон.
– Залихите достигнуваат критична точка. Достапни се само 10 проценти или помалку, така што и 100 милиони барели претставуваат проблем, нагласи шефот на саудискиот нафтен гигант.
Од почетокот на овогодишната криза на Блискиот Исток, од резервите се пуштени во оптек повеќе од една милијарда барели нафта, главно од копнените комерцијални складишта, рече Насер, додавајќи дека тоа била последната голема мерка што му стоела на располагање на енергетскиот сектор.
Групата Г7 минатиот петок објави дека, преку Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), ќе пушти на пазарот 100 милиони барели дизел и „други резерви“ од складиштата, по пораките од Вашингтон дека се разговара за забрана за извоз со цел да се ограничат цените на домашниот пазар.
– Г7 бара од ИЕА да го следи итното и целосно исполнување на обврските преземени во март 2026 година. Соодветно на тоа, земајќи ги предвид веќе исполнетите обврски, ние ќе ги намириме нашите обврски преку ИЕА со координирано пуштање во оптек на 100 милиони барели во текот на четири месеци, почнувајќи од овој момент, се вели во соопштението за јавноста на Г7, објавено на веб-страницата на француското претседателство.
Деталите за пуштањето на резервите во оптек ќе бидат објавени по консултациите со земјите-членки. Во март, членките на Меѓународната агенција за енергетика (IEA) одлучија да ослободат 400 милиони барели нафта и нафтени деривати од своите резерви, а извршниот директор на агенцијата, Фатих Бирол, минатата недела изјави дека се ослободени 325 милиони барели.
Според IEA, светската побарувачка за нафта изнесува околу 102 милиони барели дневно.
Пазарот на нафта денес е поранлив поради намалувањето на залихите, што резултираше со повисоки минимални цени на нафтата, објаснува извршниот директор на „Шеврон“ (Chevron), Мајк Вирт.
Нестабилноста на пазарите на нафта ќе продолжи и по 2027 година, изјавија деловни лидери на конференција во понеделникот, посочувајќи дека пополнувањето на празните капацитети за складирање, паралелно со задоволувањето на глобалната побарувачка, може да потрае со години.
Складираната нафта не може веднаш да се искористи поради оперативни фактори, како што се талогот на дното на резервоарите и количините неопходни за пополнување на цевководите, но и поради политички фактори, како што се одредбите за минимално ниво на резерви, забележува Ројтерс.
Постои огромна побарувачка за создавање дополнителни резерви ширум светот, вели првиот човек на „Сауди Арамко“ (Saudi Aramco).
Наваф Ал-Сабах, шефот на кувајтската државна нафтена компанија „Кувајт петролеум корпорејшн“ (Kuwait Petroleum Corporation), вели дека планираат да изградат нови капацитети за складирање во Кувајт, како и покрај нивните рафинерии во странство.
Светот зависи од испораките на нафта по морски пат од Блискиот Исток за да го одржи пазарот избалансиран во текот на зимата, бидејќи на Западот повеќе нема достапни резерви што можат брзо да се активираат, изјави Расел Харди, извршен директор на компанијата за тргување со суровини „Витол“ (Vitol).
Во меѓувреме, стратешките резерви на нафта на САД паднаа на најниското ниво од октомври 1982 година, според податоците на Министерството за енергетика.