Гледаноста ги победи критиките: Серијата со Ким Кардашијан доби втора сезона
Серијата „All’s Fair“ во која глуми Ким Кардашијан официјално е обновена за втора сезона, потврди стриминг сервисот Hulu. Одлуката е донесена дури и пред финалето на првата сезона, и тоа е јасен доказ дека гледаноста е поважна од мислењата на критичарите, со оглед на тоа што серијата создадена од Рајан Марфи доби исклучително слаби оценки, пишува Deadline.
И покрај тоа што постигна разочарувачки 3% на популарниот сајт Rotten Tomatoes врз основа на рецензиите на критичарите, „All’s Fair“ стана најуспешната оригинална серија што премиерно се прикажа на стриминг сервисот Hulu во последните три години. Според податоците од стриминг платформата во сопственост на Дизни, серијата собра 3,2 милиони прегледи на глобално ниво во првите три дена од нејзиното емитување.
Самата Кардашијан се осврна на негативните критики со духовит пост на Инстаграм: „Дали ја видовте најценетата серија во годината!?!?!?“.
Успехот на серијата го потврдуваат и податоците на компанијата за мерење на гледаност Luminate. Во својата дебитантска недела, од 31 октомври до 6 ноември, серијата од девет епизоди се рангираше меѓу Топ 15, со 2,61 милиони гледани часови во САД. Следната недела, од 7 до 13 ноември, се искачи од 15-то на 13-то место со 3,85 милиони гледани часови, додека во неделата од 14 до 20 ноември, забележа 636.059 прегледи, со што се смести на 13-то место.
Заплет и глумци
„Сè е фер“ ја следи Алура Грант (Ким Кардашијан), која, откако ќе ја напушти адвокатската канцеларија доминирана од мажи, основа своја фирма за развод составена исклучиво од жени. ѝ се придружуваат партнерите Либерти Ронсон (Наоми Вотс) и Емералд Грин (Ниси Неш-Бетс) и нејзината асистентка Милан (Тејана Тејлор).
Нивните животи се комплицираат од жестокото ривалство со адвокатката Карингтон Лејн (Сара Полсон), а заплетот е исполнет со разводи од висок профил, скандалозни тајни и променливи односи во тимот.
Серијата има и импресивна екипа. Покрај претходно споменатите, тука се и Глен Клоуз, Џудит Лајт, О-Т Фагбенл, Ед О’Нил и Хари Неф, како и бројни гостински ѕвезди како Џесика Симпсон, Џенифер Џејсон Ли и Брук Шилдс.
Финалето на првата сезона, кое се состои од два дела, е закажано за 9 декември.
Како сè започна
Идејата за серијата се роди откако Дана Волден, копретседател на Disney Entertainment, го запозна креаторот Рајан Мерфи со мајката на Ким Кардашијан, Крис Џенер. „Оваа серија започна со Дана Волден, како и сè друго во мојата кариера во последните 20 години“, рече Мерфи на премиерата. Волден ја организираше вечерата, а Мерфи ја презентираше идејата за реално шоу на Крис Џенер и Ким Кардашијан.
Иако Џенер и Кардашијан не беа воодушевени од идејата за реално шоу, средбата доведе до тоа Мерфи да напише улога за Ким во 12-тата сезона на American Horror Story, што на крајот го отвори патот за All’s Fair.
„Сè е фер“ е продуцирано од 20th Television во соработка со Ryan Murphy Television, а покрај Марфи, извршни продуценти се Џон Робин Бејц, Џо Бејкен и самата Кардашијан, заедно со Глен Клоуз, Наоми Вотс и други.