Глас за минатото, иднината или за непознатото?


Многу работи ќе станат појасни в недела навечер откако ќе се затворат избирачките кутии за шестите претседателски избори. Иако првиот изборен круг не е одлучувачки, сепак, не само што ќе биде показател за крајниот исход од гласањето туку и ќе даде почиста слика за довербата на гласачите во главните политички актери по турбулентните процеси што се одвиваа во последната година во земјава, а кои, ако се суди според млакото темпо на кампањата, повеќе ја затапија острицата на гласачкото тело отколку што придонесоа за негова мобилизација. Вториот круг, иако е пресуден за тоа дали по 12 мај земјата ќе добие нов претседател, сепак, нема да донесе пореална претстава за распоредот на сили во политичката арена со оглед на тоа што и овој пат се очекува прелевање на гласови, како и можна апстиненција на дел од избирачите кои учествувале на гласањето на 21 април.

На последните локални избори во 2017 година СДСМ освои околу 421 илјади гласови на советничките листи, а ВМРО-ДПМНЕ близу 336 илјади. Збирот од гласовите на двете најголеми партии тогаш беше околу 757 илјади. Проценките се дека ако кандидатите на овие партии во првиот круг стигнат близу до оваа бројка, има надеж за постигнување на цензусот во вториот круг, кога на гласање треба да излезат најмалку 40 отсто од запишаните гласачи или околу 723 илјади.

Од кадровски аспект, понудата на овие избори е сведена на тројца кандидати, што е најмала бројка од изборите во 1999 година досега. Првпат на изборите за претседател не учествува со свој кандидат ДПА, додека ДУИ, по апстиненцијата во 2014 година, се врати во „игра“ преку поддршката на Стево Пендаровски, како заеднички кандидат со СДСМ. Ваква коалиција се случува првпат во хронологијата на претседателските избори во земјава, иако владејачките партии веќе имаа еден заеднички настап на локалните избори во 2017 година. Двете релативно нови партии на Албанците – Алијансата и Беса, пак, застанаа зад независниот кандидат Блерим Река, кој, кон крајот на кампањата, предизвика сомнежи дека влегол во претседателската трка за да издејствува одреден бенефит за Гордана Силјановска-Давкова. Карактеристика за овие избори е и тоа што премиерно во вториот круг ќе влезе кандидатка за претседател, иако Силјановска не е прва жена што се натпреварува за највисоката функција во извршната власт.

Заедничко на тројцата кандидати им е што доаѓаат од академската заедница, односно сите се универзитетски професори по правни науки, кои во минатото извршувале и државни функции, но, генерално, политиката не била нивна основна професионална определба. Што се однесува, пак, до нивните ставови во однос на клучните прашања на внатрешен и на надворешно-политички план и во делот на надлежностите на шефот на државата, и во текот на кампањата се потврдија дијаметрално различните ставови на кандидатите, посебно меѓу Пендаровски и Силјановска.

БЛЕРИМ РЕКА (59) сосема неочекувано влезе во претседателската трка како независен кандидат, по што доби логистика од опозициските Алијанса за Албанците и Беса, за кои ова се први претседателски избори од нивното основање како политички субјекти. Во последните години Река не беше речиси воопшто присутен на отворена сцена, ниту политички активен откако се врати од Брисел, каде што во периодот 2006-2010 година беше амбасадор на земјава во седиштето на ЕУ. Дипломирал на Правниот факултет во Приштина и е доктор по меѓународно јавно право, со специјализација од Харвард. Тој предава на Универзитетот на ЈИЕ, со седиште во Тетово.

Неговата предизборна платформа е базирана на мотото „За Републиката“, за што рече дека значи дека ќе се залага за владеење на правото во државата, а не за владеење на поединци. Преспанскиот договор, како клучна тема во ова предизборие, Река го оцени како компромис кој го отвора патот кон НАТО и кон ЕУ. Рече и дека ја сфаќа тежината со која македонскиот народ ја прифаќа промената на името на државата, ама дека тоа е нужност за да се придвижи интеграцискиот процес.

Кога ја поднесуваше кандидатурата за претседател, Река предупреди дека без кандидат Албанец ова мултиетничко општество може да сврти кон „моноетнизам“. Сепак тој изјавуваше дека не смета само на албанските гласови, туку на гласовите на сите граѓани кои веруваат во евроатлантска и мултиетничка Република. И дел од неговата кампања беше на македонски јазик, така што Река успеа да привлече симпатии кај дел од етничките Македонци. Сепак, иако анкетите покажаа дека неговиот рејтинг е стабилен и солиден, мали се шансите тој да влезе во вториот изборен круг. На прашањето што често му го поставуваа во изминатиот период новинарите – кон кого ќе ги пренасочи своите гласачи во вториот круг, Река, главно, потенцираше дека очекува да влезе во одлучувачкото полувреме од изборите, ама дека и не планира да им дава инструкции на своите гласачи кому да му дадат поддршка, затоа што станува збор за индивидуи, а не за гласачка машинерија.

ГОРДАНА СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА (64) ја доби довербата на вмровското членство на партиската конвенција во Струга, каде што настапи како непартиски кандидат, иако во кампањата потоа, главно настапуваше со речиси идентични ставови како и опозициската партија. По околу две децении, ова, всушност, е своевиден камбек на Силјановска во политичкиот живот, со оглед на тоа што во периодот 1992-1994 таа беше член на првата политичка влада по независноста, предводена од Бранко Црвенковски. Во годините потоа, Силјановска, главно, ѝ беше посветена на професурата на Правниот факултет во Скопје, каде што има и дипломирано и магистрирано, додека докторатот го бранела на Универзитетот во Љубљана.

И нејзината кампања насловена „Правда во Македонија“, всушност, беше во духот на правото, како што кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ се обиде и да го перципира Преспанскиот договор, постојано нагласувајќи дека како претседател ќе го почитува, ама лично никогаш нема да го користи новото име на државата. Според неа, Преспанскиот договор не само што е надвор од уставното право, туку е и во спротивност со меѓународните правни норми. Во текот на предизборието, Силјановска се обидуваше да ја привлече наклонетоста на гласачите Албанци, чии гласови се очекува да бидат одлучувачки во вториот круг. Но прашање е колку успеа во тоа, со оглед на тврдите ставови на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период во однос на повеќе прашања од сферата на соживот, вклучително и новиот Закон за употреба на јазиците“.

Во кампањата, Силјановска посебно инсистираше на тоа дека е време Македонија да добие жена за претседател, како и дека ако биде избрана ќе овозможи баланс во извршната власт во земјава, со оглед на тоа што е кандидатка на најголемата опозициска партија. Според владејачките партии, пак, ставовите на Силјановска се, всушност, продолжение на политиките на актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кој во изминатите две години беше во кохабитација со новата гарнитура на „Илинденска“.

СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ (55) по вторпат ќе се обиде да стигне до претседателската резиденција на Водно, овој пат како заеднички (или консензуален) кандидат на двете водечки партии во владејачката коалиција – СДСМ и ДУИ. На минатите избори, како опозициски кандидат за претседател, Пендаровски ја изгуби битката од Иванов. Во текот на оваа изборна кампања, Пендаровски изјавуваше дека тој и СДСМ биле морални победници на изборите во 2014 година.

Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Институтот за политички, правни и социолошки истражувања, така што едно време, односно од 2008 година беше професор на Американ колеџ во Скопје.

Втората кандидатура за претседател, Пендаровски ја доби од позиција национален координатор за НАТО во Владата. Пред да премине на оваа функција, Пендаровски беше пратеник во овој парламентарен состав, каде што влезе како носител на листата на СДСМ во Првата (скопска) изборна единица, на предвремените избори во 2016 година. Кариерата ја почна во МВР, од каде што премина во кабинетот на вториот претседател на Македонија, Борис Трајковски. Потоа, Пендаровски беше советник за надворешна политика и за безбедност и во кабинетот на следниот претседател Бранко Црвенковски, а во меѓувреме беше и на чело на ДИК, за време на претседателските избори во 2004 година, како и за референдумот против територијалната организација.

Пендаровски ја водеше кампањата под мотото „Заедно напред“ потенцирајќи дека со неговиот избор за шеф на државата ќе се овозможи континуитет во политиките што водат кон целосна интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ. Според Пендаровски, Преспанскиот договор, како и Договорот за добрососедство со Бугарија имаат историско значење и ги отвораат евроатлантски перспективи на државата, без да одземат ништо од интегритетот на државата. (А.М.М.)