Ѓорѓиевски и Љутков се фалат: Калето ќе биде жива културна сцена, а има ли кој да го смени знамето?
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, се прошетаа повторно по Скопското кале, од каде ветуваат дека Калето ќе биде жива културна сцена, но прашањето е кога?
Летоска беа со силна механизација од сите општини да го исчистат ѓубрето, а сега, неколку месеци подоцна појдоа да ја согледаат актиелната сосотјба, како што велат. Насмеани, како другарчиња од градинка, прегрнати, среде во јануари само, зеленото кале, споделија 15-тина фотографии, на кои две се од државното знаме, од двата јарбола на скопската тврдина – едното скинато на место близу јарболот и распарталено на другиот крај, другото нешто поздраво, но излитено! Го видоа ли тоа градоначалникот и министерот и планираат ли да го сменат?

Инаку нивната објава на социјалните мрежи во целост ја пренесуваме, која всушност не кажува ништо:
„Денес, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство, извршив обиколка и детален увид на локалитетот Скопско Кале, со цел јасно да ја согледаме актуелната состојба и реалните можности за негово понатамошно активирање во рамки на визијата Скопје – Европска престолнина на културата.
Како градоначалник на Град Скопје, имам јасна и недвосмислена цел која подразбира целосно отворање на просторот на Скопското Кале, негово внимателно, стручно и одговорно приспособување, и ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со апсолутно почитување на историските слоеви и автентичното културно наследство.
Низ светот постојат бројни позитивни примери каде објекти со силна историска и симболична вредност се целосно интегрирани во современиот културен живот како сцени за театар, музика, изложби и современи уметнички перформанси. Тие се живи простори во кои се води постојан дијалог меѓу античкото наследство, османлискиот период и современите уметнички изрази.
Токму ваквиот пристап овозможува не само заштита, туку и активна, смислена интерпретација на културното наследство.
Просторот добива нова, современа културна улога во служба на граѓаните, уметниците и посетителите на нашиот град.
Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на Скопје.
Тоа е сведок на нашата цивилизациска историја и нашата колективна меморија.
Неговата реафирмација е јавен интерес и обврска кон идните генерации, да им оставиме град кој го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина“, стои во објавата.
Пред Ѓорѓиевски да ги освои локалните избори ветуваше дека Калето е еден од приоритетите. Ако приоритет се решава месеци и месеци подоцна (и дали ќе се реши?), што е тогаш со работите кои не се приоритет? Веројатно ќе требаат два-три мандата!(Б.Б.)