Ѓорѓиевски не бил изненаден од снегот! Ни граѓаните не беа – традиционално задоцнија на работа
Сол и песок по улиците се фрлаше со задоцнување од два часа. Булеварите беа лизгави до 9 часот
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека градските служби од раните утрински часови се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на Град Скопје.
Покрај декларативната заложба, мора да се признае дека и по улиците се движеа возила на зимските служби кои распрскуваа сол и песок. Сепак тоа се случуваше со најмалку два часа задоцнување.
Додека граѓаните се обидуваа да стигнат на работа, а учениците во училиште последниот автобус што помина од Ново Лисиче беше „5“ во 7,15 часот – следниот „15“ дојде во 8,47 часот. Во меѓувреме, булеварот „Февруарски поход“ беше преполн автомобили кои лазеа по коловозот затоа што беше лизгаво. Два автомобила се удрија – малку, само се допреа со браниците, но тој напред настрада затоа што тој зад него не можеше да прикочи.
Неколкумина се договорија и заминаа со такси, а една жена застана и собра неколку патници од постојката, затоа што одеа во ист правец.

Солидарноста на скопјани никогаш не била доведена во прашање, но речитоста на градоначалниците никогаш не изостанува.
Па така, додека скопјани билдаа трпеливост и со судни маки се правдаа дека ќе доцнат на работа, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски убедува дека снегот во зимскиот период не претставува изненадување, но подготвеноста на институциите е обврска кон граѓаните.
„Со цел навремена и ефикасна реакција, активиран е кризен штаб кој функционира 24 часа дневно, со постојано следење на состојбата и детектирање на сите клучни и критични точки во градот“, додава тој.
Според градоначалникот, безбедноста на граѓаните останува врвен приоритет, а сите расположливи ресурси се ставени во функција за непречено одвивање на сообраќајот и нормално функционирање на градот во зимски услови.
Воедно, беше упатен апел до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја приспособат брзината и начинот на возење на условите на патиштата.
„Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа, Скопје може да се движи безбедно и во зимски услови“, порача градоначалникот.
Безбедноста на скопјани утрово не беше загарантирана. Таа се спроведе на плеќите на трпеливите и внимателни возачи на ЈСП, како и на внимателноста на сите учесници во сообраќајот.