Ѓорѓиевски: Град Скопје е подготвен за најавеното силно невреме


Фото: Б. Грданоски

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје спроведуваат засилено расчистување на канализациските линии, шахтите и сливниците пред најавениот силен локален бран.

Целта на овие превентивни активности е овозможување непречено одведување на дождовницата и спречување поплавувања на критичните точки низ главниот град.

Поради предупредувањата од УХМР за попладневни врнежи и невреме, одржан е и состанок на Кризниот штаб на Град Скопје.

Сите човечки и технички ресурси се поставени во состојба на целосна мобилизација и подготвеност за брза интервенција на терен.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи упати апел за одговорно однесување од страна на сите жители:

„Апелираме до граѓаните да не фрлаат отпад во шахтите, сливниците и на јавните површини, бидејќи тој го блокира протокот и оневозможува правилно одведување на дождовната вода. Град Скопје останува буден, мобилизиран и во целосна служба на граѓаните.“

Градските служби нагласуваат дека ќе останат на терен сè до целосно поминување на временската нестабилност.