Ѓоковиќ ќе игра на Вимблдон


Прекрасни вести за сите навивачи на Новак Ѓоковиќ. Српскиот ас им соопшти на англиските медиуми дека сепак решил да настапи на Вимблдон и повторно ќе биде меѓу главните фаворити за освојување на престижниот трофеј. 

Српскиот тенисер одработи еден тренинг со Италијанецот Јаник Синер, а потоа кратко поразговара со насобраните медиуми кои ги интересираше само едно прашање. 

„Се чувствувам добро. Се гледаме, луѓе мои“, кратко изјави Ѓоковиќ. Потоа доби прашање околу евентуалните шанси после ждрепката која ќе го одреди текот на натпреварувањето, но само го крена палецот и потврдно одговори дека е подготвен за настап во Лондон. 

Иако се очекуваше да го „прескокне“ Вимблдон и да се посвети само на Олимписките игри во Париз, Ѓоковиќ сепак уште еднаш ги израдува сите свои фанови и се очекува тој да биде втор или трет носител на неофицијалното светско првенство кое ќе трае од 1 до 14 јули. 

Српскиот тенисер во меѓувреме се искачи на второто место на најновата АТП ранг-листа. Лидер е италијанскиот тенисер Јаник Синер.

Ноле моментално закрепнува од операцијата на коленото и го најави учеството на Олимписките игри во Париз.