Ѓоковиќ ќе го отклучи катанецот на монденскиот Свети Стефан?
„Адриатик пропертис“, која е закупец на Свети Стефан од 2021 година ги затвори Свети Стефан и вилата „Милочер“, а од почетокот на арбитражната постапка ја прекина изградбата на новиот хотел „Краљичина плажа“
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2019/07/Arrival-at-Aman-Sveti-Stefan-на-оваа.jpg)
Најуспешниот тенисер во историјата Новак Ѓоковиќ се обидува да помогне повторно да се отвори монденското летувалишта на Јадранот Свети Стефан, кој е затворен од 2021 година, објави црногорски „Вијести“.
Тенисерот кој е глобален амбасадор на компанијата „Аман“ која е закупец на градот- хотел Свети Стефан, изјави дека се труди да работи за „општиот интерес“ на Црна Гора и дека се надева дека е „на повидок“ решение за проблемот.
-Добив еден вид задача и барање од моите партнери, „Аман“, чиј амбасадор сум на глобално ниво, да се обидам да постигнам решение прифатливо за двете страни. Јас овде не сум на ничија страна, всушност сум само некој што се обидува да работи за општиот интерес на Црна Гора – рече Ѓоковиќ.
Ѓоковиќ рече дека е тажно што ситуацијата со Свети Стефан била таква каква што е веќе четири години.
Компанијата на грчкиот бизнисмен Петрос Статис „Адриатик пропертис“, која е закупец на Свети Стефан, од 2021 година ги затвори Свети Стефан и вилата „Милочер“, а од почетокот на арбитражната постапка ја запре и изградбата на новиот хотел „Краљичина плажа“.
Без договор за тоа како ќе функционира плажата и патеката меѓу неа и спа центарот во паркот Милочер, хотелскиот оператор „Аман“ не сака да го отвори Свети Стефан, бидејќи тие наводно не можат да ја гарантираат безбедноста и приватноста на гостите.
Токму користењето на плажата, која со децении беше затворена за јавноста и резервирана исклучиво за гостите на хотелот, како и за политичката елита, доведе до затворање на Свети Стефан.
Свети Стефан беше затворен во 2021 година, откако локалното население ја проби оградата на „Краљичина плажата“, а Јавното претпријатие за управување со крајбрежните зони нареди нејзино отстранување, ослободувајќи ги за употреба патеките во паркот Милочер.
Ова доведе до покренување на спор пред Меѓународниот арбитражен суд во Лондон. Во ноември 2022 година први поднесоа тужба „Свети Стефан Хотелс“ и ХТП „Милочер“ и тогашното Министерство за економски развој, обвинувајќи ги закупците „Адриатик пропертис“ ДОО Будва и „Ејдвеј инвестментс лимитед“ од Британските Девствени Острови, како и „Аман ресортс“ за прекршување на договорот. Потоа и тужената страна покренаа тужба со барање отштета од 100 милиони евра.
Скриени балкони со поглед на Јадран
Далеку од очите на јавноста, на скриени балкони, со поглед на Јадранското Море, холивудските ѕвезди, режисерите Орсон Велс и Карло Понти, актерите Елизабет Тејлор со сопругот Ричард Бартон, Софија Лорен, Кирк Даглас, принцезата Маргарет и скијачкиот ас Ингемар Стенмарк, уживале во гастрономски деликатеси на малиот полуостров и хотел со пет ѕвезди во 80-тите години.
Свети Стефан се наоѓа на околу 6 километри југоисточно од Будва. Комплексот го опфаќа полуостровот Свети Стефан и дел од копното каде што е сместена вилата „Милочер“. Порано бил остров, а сега е поврзан со копното преку тесен премин.
Градот бил разрушен за време на четвртата Отоманско-венецијанска војна, а повторно бил изграден во 16. век. Сите објекти биле заземени од владата на бивша Југославија и претворени во луксузен хотел. Една од црквите што припаѓала на манастирот „Прасквица“ била претворена во казино.
Околу четириесет години местото било во сопственост на семејството Раденовиќ, до 80-тите, кога и го посетиле голем број познати личности. Свети Стефан исто така било место каде што се одржувале и политички конференции, како и шаховски натпревари кои привлекувале врвни играчи, како Борис Спаски и Боби Фишер. По распадот на Југославија во 90-тите, и одморалиштето пропадна. Владата на Црна Гора предложи да го врати шармот на овој полуостров со тоа што организираше меѓународно наддавање за проект за обновување.
Договорот беше склучен со „Аман рисортс“ во 2007 година. Одморалиштето што беше реновирано во 2009 година го задржа стариот надворешен светски шарм со градби што ги задоволуваат современите модерни стандарди. На 13 јули 2010 година, на Денот на државноста на Црна Гора, италијанскиот тенор Андреа Бочели одржа концерт за да го одбележи златниот јубилеј на хотелот. Тенисерот Новак Ѓоковиќ се венча со Јелена Ристиќ на Свети Стефан во јули 2014 година.
Базен со поглед на море
„Аман Свети Стефан“ има 58 гостински соби, викендички и апартмани, како и 8 апартмани што се дел од вилата „Милочер“, некогаш летна резиденција на кралицата Марија Караѓорѓевиќ. Ова се поголеми апартмани со балкони како на Јулија, од „Ромео и Јулија“, и опремени се со ролетни во крем и кафеава боја, со кожен мебел, свила и волнени килими. Сите други соби се исто така елегантно уредени и имаат поглед на морето. Се вели дека сите соби, викендички и апартмани на полуостровот се различни, но го задржуваат амбиентот на историското село со тоа што се зачувани оригиналните ѕидови и имаат традиционални врати и прозори. Бањите во апартманите имаат одделни кади, паркет и стари камени подови. Базенот има поглед кон морето, а терасата е направена на јужната страна од полуостровот.
Плажата на Свети Стефан – меѓу најубавите во Европа
Пред да биде прогласен меѓу седумте најзагрозени европски локации за 2023 година, плажата на Свети Стефан, се најде на листата на најубави плажи, меѓу плажите на Закинтос, Сицилија, Португалија и Шпанија.
– Фасцинантна песочна плажа со поглед на полуостровот Свети Стефан. Половина плажа е резервирана за гостите од овој хотел, а другата половина е бесплатна. Поминете го денот сончајќи се, нурнете се во длабокото море и восхитувајте се на планинските венци околу вас – пишуваше тогаш во текстот на „Ивнинг стандард“.