Гиновска: Во Скопје има 40 загадувачи со А интегрирана дозвола – не е само Усје
До 20 декември 2025 година беа спроведени 1700 контролни проверки на квалитетот на амбиентниот воздух. Од нив, 839 претставуваа рутински надзори, 532 беа вонредни, а 329 беа контролни инспекциски проверки.
Притоа, беа констатирани 398 недоследности и издадени се исто толку решенија во рамките на инспекциската постапка.
Покренати се над 30 прекршочни и четири кривични постапки, што беше обелоденето на денешната прес-конференција во Владата од страна на директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска.
Таа истакна дека Државниот инспекторат за животна средина дејствува согласно годишниот план за работа, кој е одобрен од страна на министерот за животна средина и просторно планирање.
Гиновска извести дека во периодот од 1 ноември до денес се реализирани над 55 инспекциски надзори низ целата територија на државата, насочени кон индустриски објекти што имаат влијание врз квалитетот на воздухот преку емисии.
Издадени се 20 решенија и три забрани за работа.
Во однос на правниот субјект „Титан Цементарница Усје“, Гиновска информира дека во 2025 година биле извршени шест инспекциски надзори, од кои два беа рутински, а четири вонредни, спроведени од различни државни инспектори.
Последните вонредни проверки се одржаа на 18 ноември 2025 година во 22 часот, со учество на инспектор за животна средина од Град Скопје, и на 18 декември 2025 година, со инспектор за животна средина од општина Кисела Вода.
„Како што беше констатирано, при сите спроведени надзори не се утврдени никакви недоследности во работењето на овој правен субјект“, изјави Гиновска.
Таа нагласи дека инспекциските надзори ќе продолжат континуирано, а на секои 15 дена Државниот инспекторат доставува извештај до работната група, формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање, која го следи спроведувањето на Акцискиот план.
Моментално, постојат околу 120 правни субјекти кои поседуваат активна А-интегрирана дозвола, според податоците од Регистарот на Управата за животна средина. На територијата на Град Скопје, овој број изнесува околу 40.
„Сите издадени дозволи се уредно објавени од страна на МЖСПП на интернет страната и секој може да се запознае за работењето на секоја инсталација, што користи како енергенс, обврски и фреквенции на мерења за различни медиуми, се она што е пропишано од страна на Управата за животна средина која ги издава истите. Треба да нагласам дека инспекциската служба не е правосуден орган, не е полиција, не издава и одзема управни акти (дозволи, итн.), не врши вештачења или процени на штети, не врши мерења на бучава, воздух, вода итн., тоа е обврска и задача на акредитирани лаборатории за животна средина, единствено инспекцијата има пред се превентивна дури на крај репресивна улога при инспекцискиот надзор над спроведувањето на законските одредби, односно условите во А-ИЕД и елаборатите за животна средина издадени од страна на Управата за животна средина“, додаде таа.
На заедничката прес-конференција, портпаролката на Владата, Марија Митева, потенцира дека целта е јавноста да биде транспарентно информирана за активностите на институциите и за преземените мерки за унапредување на заштитата на здравјето на граѓаните.