Гинеколозите од Битола добија максимална парична казна – од денеска се вратија на работа


Поради скандалот во одделението за гинекологија во Битолската болница полиција поднесе кривични пријави за лекарите до oбвинителството

Двајцата гинеколоси вклучени во скандалот од 1 јануари ќе добиваат 30 помала плата во наредните шест месеци

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Двајцата битолски гинеколози од денеска се вратија на работата откако беа суспендирани затоа што дозволиле неовластено невработено лице да присуствува во операциската сала. Скандалот во битолската гинекологија се расчисти со максимални парични казни за лекарите, шест месеци со намалена плата за 30 проценти.

Веста за враќањето на работа и изречените казни ја потврди за „Независен“директорката на Клиничката болница во Битола д-р Билјана Гагачовска.

„Од денес гинеколозите почнуваат на работа, заврши дисциплинската постапка. Комисијата донесе предлог-казна врз која се донесе решение од директор за изрекување на казна за двајцата лекари – максимална парична казна која ја предвидува Законот за здравствена заштита и тоа 30 проценти во наредните шест месеци. Со тоа заврши дисциплинската постапка и завршија причините за времено отстранување од работа“, ни рече директорката д-р Гагачовска.

Скандалот на битолска гинекологија го обелодени „Независен.мк“. Гинеколозите Михалјо Вангелов и Гоце Чакаровски (инаку поранешен заменик-министер за здравство и национален координатор за здравство во Владата на Зоран Заев), на првиот ден од новата година дозволиле невработен гинеколог, странски државјанин да учествува во породување жена со царски рез. Станува збор за сопругата на Вангелов која е специјалист гинеколог, невработена, државјанин на Србија.

Случајот во полиција го пријавило друго вработено лице во битолска гинекологија.

Во Болницата влезе и Државниот здравствен инспекторатот и по извршениот увид соопштија дека ќе издадат решение за забрана за вршење на здравствена дејност во болницата на пациенти од страна на странски државјани без лиценца за работа обезбедена согласно Законот. При вонредниот инспекциски надзор ДСЗИ констатираше дека директорот на установата во врска со случајот преземал законски предвидени мерки, односно поведени се дисциплински постапки против девет лица вработени на Одделот за гинекологија и акушерство, а двајца доктори се суспендирани до завршувањето на дисциплинските постапки. 

Поради скандалот во одделението за гинекологија во Битолската болница полиција поднесе кривични пријави за лекарите до oбвинителството. Против Вангелов, поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување и „Фалсификување службена исправа“; и против Чакаровски поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување.  А, против А. В (33) од Белград, Србијa, сопруга на првопријавениот, заради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Надрилекарство“ и кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

За случајот оформен е предмет во битолското oбвинителство по добиена анонимна пријава на 12 јануари 2021 година. Сега се чекаат одлуките на oбвинителството.