Германски институт прогнозира зголемување на невработеноста во земјата


Бројот на невработени во Германија годинава ќе се зголеми во просек за 190.000 во однос на претходната година, прогнозира Институтот за истражување на пазарот на труд (ИАБ). Причините за порастот се високата инфлација, растот на каматните стапки и слабата странска побарувачка.

Тие фактори го забавија економскиот развој, објави во петокот институтот. Федералната агенција за труд објави 2,7 милиони невработени во август.

„Економскиот пад ја зафати Германија. Забележливо е и на пазарот на труд, но релативно добро се држи во споредба со слабата економија“, изјави Енцо Вебер од ИАБ.

Но, предизвиците се големи – на пример, недостатокот на работници во Германија, особено оние кои се квалификувани за одредени работни места, но и прашања како што се поттикнување инвестиции и развој на инфраструктурата.

„Затоа е потребна масовна програма за трансформација“, рече Вебер.

Се предвидува следната година да има уште 60.000 невработени.

„Можностите за вработување за оние кои не работат во моментов се помали отколку за време на пандемијата“, велат истражувачите.

Долгорочната невработеност во Германија е многу над она што беше пред глобалната зараза.

Без разлика, бројот на вработени со полно работно време ќе расте: за 2023 година, IAB очекува релативно скромно зголемување од 250.000, на 34,76 милиони. Меѓутоа, доколку прогнозата се оствари, зголемувањето ќе биде половина повеќе од 2022 година, пренесува СЕЕбиз.

Експертите на ИАБ очекуваат БДП да падне за 0,6 отсто оваа година, а следната година да порасне за 1,1 отсто. Но, предуслов за повеќе работа во Германија е намалувањето на инфлацијата.