Германски експерти за шумарство од Гетинген во посета на ЈУ Национален парк „Пелистер“
Експерти од Хесен Форст- Државна шумарска служба од Хесен, Германија, Научно-истражувачкиот институт за шумарство од Гетинген, Германија и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг – Ханс Ем“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопјe, остварија посета на ЈУ Национален парк „Пелистер“.
Експертите од Научно-истражувачкиот институт за шумарство од Гетинген доаѓаат од истата институција во која што претходно работел и германскиот ботаничар Аугуст Гризебах кој првпат ја открил моликата на Пелистер во 1839 година, истакна директорот на истоимената јавна национална установа, Иванчо Тошевски.
– Викенд посетата беше во функција на нашата соработка и со цел зачувување на шумските генетски ресурси, идентификација на соодветни семенски насади и одржливо снабдување со шумски репродуктивен материјал од молика, македонска ела, дабови и други дрвни видови од Македонија до Германија. Експертите од овие три институции ги посетија насадите од молика и македонска ела во Националниот парк „Пелистер“ и заедно со претставниците од Националниот парк разменија искуства за мерките за конзервација на шумските генетски ресурси, одгледувачките мерки и репродуктивниот материјал од овие дрвни видови во паркот, посочи Тошевски.
Од ЈУ Национален парк „Пелистер“ очекуваат соработката со институциите од Германија да се инензивира и Националниот парк „Пелистер“ да биде партнер во идните активности за конзервација на шумските генетски ресурси и примената на одгледувачките мерки и можност за остварување посета на претставниците од паркот во заштитените подрачја во Хесен, Германија.