Германија со 5 милијарди евра ќе поттикнува купување нови автомобили
Германското министерство за економија предложи програма за стимулации од 5 милијарди евра (5,6 милијарди американски долари) како дел од поширок стимулативен пакет за зајакнување на продажбата на автомобили, соопштија во неделата две лица блиски до ова прашање, пишува порталот „Аутомотив њус Јуроп“.
Шефовите на владејачките социјалдемократи (СПД) и христијанските демократи на Ангела Меркел (ЦДУ) се очекува да го претстават целокупниот стимулативен пакет во вторник, кој би можел да достигне до 80 милијарди евра, според еден извештај на медиумите.
Предлогот на Министерството за економија е да се исплатат премии за набавки на купувачи на електрични возила и автомобили со конвенционално напојување чија цена е под 77.350 евра, при што програмата истекува на крајот на годината, велат изворите.
Плановите предвидуваат основна премија од 2.500 евра за автомобил, што би можела да се зголеми до 500 евра за возила кои се енергетски ефикасни. Постојните стимулативни програми би се зголемиле за 1.500 евра за електрични автомобили и 750 евра за хибриди.
Предлогот сè уште има прашања кои треба да се расчистат затоа што некои политичари сакаат субвенции да се добиваат само за електрични автомобили за да помогнат во борбата против климатските промени.
Шефот на СПД, Норберт Валтер-Борјанс, изјави за „Ројтерс“ дека е за поддршка на автомобилската индустрија, но дека поттик за набавка на возила со мотори со конвенционално согорување е погрешниот пат.
„Ако државата субвенционира (нови автомобили), тогаш тоа мора да оди заедно со промена кон алтернативните мотори. Ако има попусти, тогаш мора да бидат за електрични автомобили“, рече Валтер-Борјанс.
Некои креатори на политики и индустриски групи се изјаснија против премиите за набавка на автомобили, тврдејќи дека програмата за стимули треба да се придржува кон политиките за климатски промени и да не поддржува една индустрија.
Глобалната продажба на автомобили опадна, бидејќи производните линии и изложбените салони се затворија како одговор на пандемијата на коронавирусот, а истражувањето на бизнис сентимент од страна на институтот Ифо овој месец покажа дека германскиот автомобилски сектор е на најниско ниво од 1991 година.