Германија ќе соборува дронови во близина на воени објекти


Берлин – Германската влада одлучи да ја овласти војската да соборува сомнителни дронови видени во близина на воени објекти или друга клучна инфраструктура. Во соопштението на министерката за внатрешни работи Ненси Фезер се вели дека од почетокот на сеопфатната руска инвазија на Украина во 2022 година, забележано е дека дроновите се користат почесто, што претставува се поголем предизвик за полицијата и нивната сегашна технологија.

Русија е осомничена дека води „тајна војна“ против западните земји кои ја поддржуваат Украина, обвинувања што Москва ги негира.

Како што пишува Би-Би-Си, тука спаѓаат наводните обиди за минирање на меѓународни авиони, напади на инфраструктура или мешање во демократски избори.

-Можам само да потврдам дека Русија планираше акти на воздушен терор, не само против Полска, туку и против авиокомпании ширум светот, изјави вчера полскиот премиер Доналд Туск.

Тој не даде повеќе детали, но неговата изјава се чини дека го потврдува извештајот на Њујорк Тајмс дека американскиот претседател Џо Бајден го предупредил Путин за наводните планови. Во ноември, полските обвинители изјавија дека серијата пожари на пакети насочени кон курирски компании во Европа биле проба за групи кои планираат да ги саботираат летовите до САД и Канада.

Туск беше домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Варшава, еден ден откако НАТО најави нова мисија за зголемување на надзорот на бродовите во Балтичкото Море, откако критичните подводни кабли беа оштетени или отсечени минатата година.

Неодамна имаше неколку случаи на неидентификувани беспилотни летала над воени бази. Германската полиција извести дека најмалку 10 вакви беспилотни летала биле видени над воздухопловната база Манхинг во близина на Инголштад во неделата навечер.

Летови со дронови беа регистрирани и во Манхинг и блискиот Нојбург ан дер Донау минатиот месец. Беспилотни летала се забележани и над американската воздухопловна база Рамштајн и индустриска зона во близина на Северното Море.

Министерката Фезер во својата изјава наведе дека „редовно како можни причини се разгледуваат шпионажа или саботажа“.

Според сегашните правила, германската војска може да и помогне на полицијата да ги принуди беспилотните летала да се оддалечат или да слетаат – вклучително и истрелување предупредувачки истрели за да се постигне тоа, пишува Би-Би-Си.

Според новите предлози – за кои сè уште е потребно одобрение од парламентот – војниците би можеле да соборат беспилотни летала ако оценат дека тоа е единствениот начин да се елиминира заканата „по човечкиот живот или критичната инфраструктура“.