ГЕРБ победи на изборите во Бугарија, што понатаму?

Гласачите во Бугарија испорачаа резултат кој е сличен на оној од изборите во октомври. Единствен вистински победник се националистите и русофили од Преродба


Бојко Борисов гласа (Фото: АФП)

 

Во своевидна „одмазда“ на формациите од таканаречениот блок „партии на стаус-квото“ и националистите Бугарија влезе во нова политичка рашомонијата по изборите во неделата на 2 април. Со 99,5 отсто од пребројаните гласови ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов има мала, но сепак значајна предност пред реформаторската коалиција на Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија. ГЕРБ освои 26,54 отсто, а коалицијата ПП-ДБ 24,61. Во пратенички мандати тоа изнесува 69 за ГЕРБ и 64 за ПП-ДБ.

Трета партија е националистичката и проруска Преродба со 14,19 отсто (37 мандати), потоа партијата на Турците Движењето за права и слободи (ДПС) со 13,55 (35 мандати), па социјалистите од БСП со 8,96 (24 мандати). Како најнеочекуван резултат од изборите е преминувањето на прагот од страна на Има таков народ – 4,12 отсто (11 мандати). Бугарски, подем не успеа да го премине прагот, освојувајќи 3,10 проценти.

Така, Бугарите, со повторно екстремно мала излезност од 40,5 отсто се свртеа кон оние кои беа обележани како коруптивни последниве години (како ГЕРБ и ДПС) и кон националистите и русофилите од Преродба и проруската и веќе забраздена во национализам БСП. Сликата на националистите ја дополнува и Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов. Во следното собрание ќе има само една формација која е реформски и целосно прозападно ориентирана, коалицијата ПП-ДБ. Иако оваа коалиција предводена од Кирил Петков и Христо Иванов освои 30 илјади гласови повеќе од ГЕРБ меѓу гласачите во странство, тоа не ѝ помогна да ја стопи разликата што партијата на Борисов ја доби од гласачите во земјата.

Бугарските аналитичари и политиколози нагласуваат дека и овие избори донесоа блокада во парламентот како и другите четири претходни гласања, и главното прашање е дали во Софија воопшто ќе може да се направи редовна влада или повторно ќе владее претседателот Румен Радев преку службен кабинет и да се оди на уште едни, шести избори, кои можат да бидат заедно со општинските во октомври оваа година.

Главниот победник на изборите е Преродба, која освои 10 пратенички места повеќе од гласањето во октомври. ГЕРБ загуби две места, но забележливо е осипувањето на гласовите на Продолжуваме со промената. На изборите во октомври ПП имаше 53 пратеници, а Демократска Бугарија 20, но коалицискиот настап на двете партии им донесе девет пратеници помалку. Тоа е уште еден доказ дека не може да се прави просто собирање на гласовите на две партии кога одат во коалиција.

Гласчите излогоа на изборите за да ѝ стават крај на кризата со владеењето и да се формира редовен кабинет, но не го направија тоа и испорачаа повторно резултатски хаос. Најмногу поради тоа што гласачите решија пак да останат дома и да им го препуштат на партиските војски одредувањето на иднината на државата. Она гласачко тело кое очекува подобра понуда остана во состојба на хибернација.

ГЕРБ победи, но е изолирана да најде коалициски партнери. Продолжуваме со промената и да се сврти кон оние што им беа коалициски партнери во владата на Петков (ИТН и БСП) и кои потоа ја урнаа, е далеку од мнозинство во парламентот.

Гласачите, како што пишува бугарската реадакција на Дојче веле, се свесни за непомирливата политичка поделеност но, и покрај сѐ, ги обединува желбата за формирање влада. „Сега и да сакаат да формираат влада, на првите две политички формации им претстои многу тежок пат. Бидејќи она што го имаат во голема мера се должи на нивните тврди јадра. Која им ја наметна и која самите го прифатија како непремостливата поделба, каде секоја форма на соработка со непријателот може да се сфати како капитулантска соработка – особено за ПП-ДБ“, анализира ДВ.

За да има договор, сепак, потребни се отстапки. Големата коалиција што ја посакува ГЕРБ со ПП-ДБ изгледа апсурдна, но можна е пасивна поддршка од втората за малцинскиот кабинет на првата. ПП-ДБ се надеваше дека ќе биде победник на изборите и со тоа да ја прифати поддршката на ГЕРБ за својот малцински кабинет. Прашање е дали сега би ја дала поддршката на ГЕРБ за негова малцинска влада. „По поразот на изборите, ПП-ДБ може полесно да остане на бескомпромисни антикорупциски позиции и со тоа да ја турка ГЕРБ кон некој кабинет на т.н. Коалицијата за хартија – со надеж дека ќе се реваншира на локалните избори. Сепак, ова ѝ дава шанса на ГЕРБ не само да се врати на власт, туку и да добие легитимација од неа: партијата е таа што го презеде владеењето кога никој не се осмелува или не може; партијата е таа што ја запре неограничената моќ на претседателот; со ГЕРБ  ќе влеземе во Шенген; партијата ќе земе заслуга за скротување на инфлацијата.

ПП-ДБ се соочува и со прашањето дали ќе зајакне како коалиција со хоризонт за следните избори, дали ќе се испокараат, па дури и ќе се распаднат или ќе има регулиран процес на внатрешни трансформации“, вели ДВ во анализата.

Караниците во ПП почнаа веќе денеска. Министерот за транспорт во кабинетот на Петков, Николај Сабев, преку Фејсбук побара оставка од дел од раководството на партијата. Тој напиша дека „Асен Василев, Даниел Лорер и нивната група“ веднаш да ги напуштат функциите во партијата. (Н.В.)