Георгиева се фокусира на глобалните предизвици откако ја доби поддршката на Oдборот на ММФ 


Шефицата на ММФ Кристалина Георгиева е целосно фокусирана на глобалните предизвици, изјави таа во вторникот за Ројтерс, откако Извршниот одбор на ММФ ги отфрли обвинувањата дека извршила притисок врз вработените во Светска банка да ги сменат податоците во корист на Кина во нејзината претходна работа.
„Имаме тешки проблеми со кои треба да се справиме и потребна ни е силна репутација на институцијата за да му служи на членството“, рече Георгиева во интервју за Ројтерс.

Георгиева, бугарска економистка и прва личност од земјите во развој што раководи со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ја преживеа заканата за нејзино сменување, но поранешните претставници на американското Министерство за финансии и други експерти предупредија дека скандалот го нарушил истражувачкиот углед на ММФ и на Светска банка.

Станува збор за осудувачка проценка подготвена од адвокатската фирма Вилмер Хејл за Светска банка за нерегуларности во податоците откриени во публикацијата Дуинг бизнис. Во извештајот на Вилмер Хејл се вели дека Георгиева и други високи функционери вршеле „несоодветен притисок“ врз банкарскиот персонал за да направат промени и да ја подобрат позицијата на Кина. Георгиева жестоко ги отфрли обвинувањата.

Некои републикански пратеници во американскиот Конгрес рекоа дека ситуацијата треба дополнително да се истражи.

На прашањето дали е нанесена штета на ММФ, Георгиева посочи дека прашањата за нерегуларностите се поврзани со извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка, а не со ММФ. Таа рече дека има „апсолутна целосна доверба“ во интегритетот на податоците и истражувањата на ММФ.

ММФ има силни контроли врз сите податоци и силен внатрешен систем насочен кон заштита на укажувачите, рече Георгиева, додавајќи дека ќе работи со персоналот за зајакнување на кредибилитетот на Фондот.

Георгиева рече дека планира да се сретне со вработените во ММФ во понеделник, по првата недела од годишните состаноци на ММФ и Светска банка, и да се фокусира на економските предизвици со кои се соочува глобалната економија. „Со нетрпение го очекувам“, рече таа.

Георгиева остро ги негираше наводите изнесени во извештајот на Вилмер Хејл, кои се фокусираа на нејзините постапки во Светска банка во 2017 година, приближно две години пред да ја преземе водечката работа во ММФ.

Таа и нејзиниот адвокат ја обвинија адвокатската канцеларија дека направила критични грешки во својот извештај и дека ја довела во заблуда велејќи дека не е предмет на истрага.

Георгиева рече дека го поздрави „темелниот и непристрасен“ надзор на Одборот – вклучително и состаноците со неа и адвокатите на адвокатската фирма – затоа што ѝ даде шанса целосно да ги отфрли спорните наводи.