„Гентерм“ кај Прилеп отпушта работници. Наводно 400
Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, ги потврди вестите за кои подолго се зборуваше, дека американската компанија „Гентерм“ во развојната зона кај Прилеп отпушта работници поради осовременување на производството. Засега нема официјална потврда колку вработени ќе бидат опфатени. Во локалните медиуми се вели дека се работи за околу 400 лица и можност дел од производството да се префрли во Мароко, а дел повторно да се врати во Украина.
Ристески тврди дека ударот врз прилепскиот пазар на труд би требало делумно да се ублажи со новиот погон на германската компанија „Вик“, кој, според неговата изјава, треба да биде отворен за околу еден месец во истата зона.
Во јули 2025 премиерот Христијан Мицкоски објави нова инвестиција од30 милиони евра на „Гентерм“, која ќе овозможи нови до 300 вработувања. Според тогашната изјава на премиерот, станува збор за високоинтегрирани системи во автомобилската индустрија, со нова технолошка опрема автоматизирани линии и современо производство. Со тоа, нагласи Мицкоски, Македонија стана регионален хаб на „Гентерм“ за Европа.
Веќе има потврдени информации и за намалување на работната сила во конозорциумот „Бехтел и Енка“ на изградабата на автопатиштата. Министерството за транспорт соопшти дека ангажирањето работници и подизведувачи е договорна обврска на изведувачот, а самата компанија потврди дека ги приспособува нивоата на работна сила во различни фази од проектот и дека сите фактури досега се целосно платени од Владата.