Гасот ќе го купуваме од Србија
Понудата на „Макпетрол“ била превисока, откри Виктор Андонов, советник на премиерот

Виктор Андонов, советникот за енергетика на премиерот Димитар Ковачевски во разговор за емисијата „Студио 10“ на ТВ24 откри дека Македонија ќе купува приорден гас од Србија за топлинска енергија и за производство на електрична енергија. Ако овие информации се конечни тоа значи дека „Макпетрол“ ќе биде заобиколен. „Макпетрол“ го купува природниот гас од „Гаспром“.
За таа цел Владата вчера одобри 18 милиони евра за ликвидно работење на друштвата и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје.
„Ќе ѝ платиме на Србија, а гасот ќе се носи преку врската во Бугарија. Еден дел е за топланите за топлинска енергија , а еден дел ќе биде за ТЕ-ТО за производство на електрична енергија“, рече Андонов
Тој додаде дека договор со „Макпетрол“ како трговец не бил постигнат затоа што цената која ја нудел „Гаспром“ била екстремно висока.
„Цената преку ‘Макептрол’ е над 2.000, односно до 2.500 евра за нормален метар кубен. Со таа цена понатаму од 400-600 евра ќе биде цената за мегаватчас струја, а исплатлива цена за индустријата да преживее е 200 евра. Ако обезбедевме цена по тоа што се нуди, ние на тој начин немаше да ѝ помогнеме на индустријата. Тоа ќе се одразеше и на сметките на граѓаните и на буџетот“, истакна всоветникот Андонов.
Со српската страна тече договарањето на количините гас по прифатлива цена со која нема да има нови поскапувања и оптоварувања на буџетот.