Гаснење пожар на електричен камион – невозможна мисија? (видео)


Пожарникарите од Калифорнија мораа да истурат 190.000 литри вода на запалената батерија на електричниот камион  Tesla Semi за да го изгаснат пожарот.

Камионот се запалил откако излетал од патот и удрил во дрво, соопшти американската Национална управа за безбедност во сообраќајот (NTSB).

Покрај огромното количество вода, пожарникарите истуриле и течност од хеликоптер, т.н. „забавувач на оган“ околу камионот, а поради гаснењето патот бил затворен 15 часа.

Пожарникарите соопштија дека батеријата достигнала температура од 540 степени Целзиусови додека горела.

Во врска со овој августовски пожар на меѓудржавното североисточно од Сакраменто, НТСБ вели дека ќе ги разгледа ризиците од пожар од големите литиум-јонски батерии на камионот.

Агенцијата откри дека ниту еден од делумно автоматизираните системи за избегнување судир и помош на Тесла не работи во камионот и дека тие системи „не може да се вклучат“.

Откако камионот бил извлечен од патот, пожарникарите го надгледувале деноноќно бидејќи по гаснењето на пожарот може повторно да се запалат литиум-јонските батерии.

Ризикот е голем, инструкциите се несоодветни
По истрагата во 2021 година, НТСБ откри дека пожарите на батериите на електричните возила со висок напон претставуваат ризик за првите лица кои реагираат и дека упатствата на производителите на возила и батерии за тоа како да се гаснат пожарите се несоодветни.

Електричните камиони Tesla Semi почнаа да се  испорачуваат  од декември 2022 година.

Извршниот директор Илон Маск тогаш рече дека тие електрични камиони имаат досег со полни батерии од 800 километри со 37 тони товар на приколката.