Гасификацијата на Битола доцни, загадувањето се решава со инвертер клими

Битола чека неискористената топлина од РЕК „Битола“ конечно да се користи за загревање на домовите

Според прогнозите на општинската власт инфраструктурата за гасоводот треба да почне да се гради околу Нова година. Сега тече акцијата за субвенционирање инвертер клими вредна 2,5 милиони евра

 

Анета Блажевска

БИТОЛА  – На прагот на новата грејна сезона, Битола ја нема ветената гасификација, ниту пак топловодот. Локалната власт вели дека проектот е во напредна фаза, но има минимално отстапување од предвидените рокови. Најоптимистичките прогнози се дека инфраструктурата за гасоводот ќе започне да се гради околу Нова година. Затоа пак деновиве до 2 октомври тече пријавувањето за субвенционирани инвертер клими за битолчани, проект тежок 2,5 милиони евра.

Загадувањето во градот под Пелистер, каде во изминатите години имаше и денови кога беше најзагаден град во Европа, засега ќе се решава со инвертери. Неколку години назад општината носеше мерки за намалување на загадувањето како  субвенционирање на печки на пелети, велосипеди, електрични скутери, па и чистење на оџаците, ама досега не успеа да го реши проблемот со централно градско греење на институциите и дел од населбите, па во грејна сезона најголем дел од битолчани ги загреваат домовите на дрва, а институциите се греат на мазут.

„Во Општина Битола во моментот тече најголемата акција забележана во последните години, со која ќе се заменат 2.500 печки на тврдо гориво со високо енергетски клими инвертери, а ефектот кој треба да се постигне е почист воздух и поздрава животна средина за сите. Вкупната сума која се доделува е два и пол милиони евра обезбедени од добивката на ЕСМ, а доделени со одлука на Владата. Бесплатното аплицирање го направи овој повик многу поуспешен отколку повиците во Скопје, Тетово и Кичево. Огромен број од граѓаните многу добро ја прифатија субвенцијата, покажаа интерес, со што го потврдија правилниот потег за субвенционирање на инвертери“, вели Валентин Груевски, претседател на Советот на Општина Битола.

Гасификација на Битола уште од 2017 година беше главниот адут на новата локална власт за справување со загадувањето на воздухот. Но според состојбите на терен, доцни гасификацијата на градот, најавите дека оваа есен дел од објектите во Битола ќе се приклучат на гасовод, а дел ќе се приклучат на топлинска енергија од РЕК „Битола“, засега се неостварени.

Индустриските објекти, кои се наоѓаат на влезот на Битола како Млекарата, „Цермат“, Земјоделското училиште… требаше да  бидат првите што ќе се приклучат на гасоводот, додека 36 јавни установи во градот, од кои најголем дел се греат на мазут, требаше да бидат топлифицирани оваа грејна сезона. Според најавите на Општина Битола, од февруари годинава, како изработувач на идејниот проект за гасификација, планирано беше Битола да добие еден вид гасоводна топлификација, односно дел од објектите да добијат гас, а другите топлинска енергија од РЕК „Битола“. Планот беше низ градот да се постави секундарна мрежа, а се планираше да се искористи и мрежата од некогашната топлификација која постои во дел од градските населби.

Но очигледно дека целокупната состојба со корона кризата си го направи своето.

Според Владимир Костурски, вработен во општината и задолжен за реализација на проектот гасификација за битолскиот гасовод, треба да се изградат над 3 километри гасоводна мрежа во вредност од околу 500.000 евра.

Најавите на Костурски во февруари годинава беа дека изградбата на гасоводот во Битола ќе започне во втората половина од оваа година, во октомври или ноември. Магистралниот гасовод уште тогаш беше изграден пред Битола, кај селото Карамани на 7 километри од градот, па она што требаше да следува беше паралелна изведба и со секундарната мрежа.

Седум месеци подоцна од Општина Битола велат дека гасификацијата е еден од  приоритетите  на сегашната локална самоуправа, а овој процес кој опфаќа повеќе фази на изработка, е во напредна фаза.

„Општина Битола е финансиски подготвена да отпочне и со изградба на дел од гасоводната мрежа, но тоа зависи и од изведбата на магистралниот гасовод и препораките од централната власт.

До сега, идејниот проект и елаборатот за заштита на животна средина во должина од 25.000 m. се завршени. Завршен е и инфраструктурниот проект во должина од 3.500 м како и архитектонско-урбанистички проект за инфраструктурен коридор. На три различни  јавни набавки избрани се ревиденти за Архитектонско-урбанистички проект, инфраструктурен проект и основен проект, информираат од Општина Битола.

Од општината уште додаваат дека во тек е постапка на одобрување на инфраструктурен проект и пренамена на земјоделско во градежно земјиште и изработка на основниот проект. До крајот на годинава се предвидува комплетно завршување на документацијата.

„Поради имотно-правни прашања кои во моментот се надминати, постои минимално отстапување од предвидените рокови“, велат од општината.