Гаши: Бојкотот не е решение за изборот на претседател


Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

Ние немаме кандидат во вториот круг и нашите гласачи или гласачите на господинот Таравари не ги носиме на кошничка за да ги подариме на некому. Немаме никакви преференции кон другите кандидати, а доколку во меѓувреме се одлучи поинаку, секако јавноста ќе биде известена, вели во интервју за „Локално“, лидерот на Алтернатива и дел од коалицијата „Влен“, Африм Гаши за претстојниот втор круг од претседателските избори.

Тој не мисли дека бојкотот е средство за реализација на таквата идеја.

-Точно е дека ние се залагаме за избор на претседател на државата во Собрание. Сме се изјасниле и јавно за тоа, дека ќе покренеме јавна дебата и при уставните измени ќе побараме да се воведе тоа, но кога веќе сме во процес на избори, кога веќе се направени толку трошоци од државниот буџет и кога еден кандидат може да добие легитимитет, не мислам дека во овој случај бојкотот е најдоброто средство за спроведување на едно демократско право, вели Гаши.

Очекува дека здружената албанската опозиција ќе има значително покачување на бројот на гласови на парламентарните избори, бидејќи, како што истакнува, голем број на наши гласачи не гласаа на претседателските избори судејќи според шансите кандидат Албанец да влезе во вториот круг.

-Јас не мислам дека внесувањето на Бугарите во Уставот е уцена за никого во државата. Така Северна Македонија само добива во квалитет на мултиетничката држава. Ниту не сакаме да уценуваме некого, ниту дозволуваме да бидеме уценети. Затоа очекуваме разум и дискусија преку аргументи, посочува Гаши.

 

Претседателот на Алтернатива за ДУИ вели дека сами избрале погрешна насока, со тоа што излегле од битката кај албанското гласачко тело, па затоа, според него, го изгубиле правото да зборуваат со тој легитимитет.

-Се додека тие се натпреваруваа кај етничкиот камп, ние го почитувавме тоа, но сега кога нивните гласови се зголемени со гласови од Ромите, Турците, Бошњаците, Торбешите, Египќаните и други, што е сосема легитимно право од нивна страна да бираат со кого одат на коалиција, не можат веќе да се повикуваат како претставници на Албанците, порачува Гаши во интервјуто за „Локално“.