„Гардијан“: САД го отстапиле Гренланд на Данска со декларација од 1916 година


 

Спротивно на тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека „нема пишани документи“ за сопственоста на Гренланд на Данска, Америка потврди во 1916 година дека го отстапила Гренланд на Данска во замена за острови во Карибите, пишува британскиот весник „Гардијан“.

САД изјавиле во 1916 година дека „нема да се спротивставуваат“ на проширувањето на интересите на Данска на Гренланд.

„Со денешното потпишување на Конвенцијата за отстапување на данските Западнoиндијски острови на Соединетите Американски Држави, долупотпишаниот државен секретар на Соединетите Американски Држави, соодветно овластен од неговата Влада, има чест да изјави дека Владата на Соединетите Американски Држави нема да се спротивстави данската влада да ги  прошири своите политички и економски интереси на целиот Гренланд“, се вели во декларацијата на конвенцијата за размена.
Документот е потпишан во Њујорк на 4 август 1916 година, а во име на Соединетите Американски Држави го потпишал државниот секретар Роберт Лансинг.

„Гардијан“ објави дека Трамп го тврдел спротивното во неодамнешното писмо до норвешкиот премиер Јонас Гар Стор: „Данска не може да ја заштити таа земја од Русија или Кина, а зошто воопшто имаат „права на сопственост“? Нема пишани документи, се што е познато е дека таму се истоварил брод пред сто години“.