(Галерија) Не ни требаат рози, туку леб: Марш за женските права
8 Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази, туку за феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија, порачаа учесниците на протестниот марш

Со повици за родова еднаквост и повеќе права за женската популација, денеска во Скопје се одржа протестен марш по повод 8 Март, Меѓународниот празник на жената.
Со извикување во еден глас „Жени, живот, слобода“ пред Универзалната сала во Скопје започна Маршот за женски права организиран од Платформата за родова еднаквост. Оваа година, маршот се одржува под слоганот „Нека јадат ружи!“.
Тие потсетија дека жената не е безбедна ниту дома, ниту на улица, дека нема повеќе од 20 минути пауза во фабрика, ниту слободен ден во маркет, а споделеното родителско отсуство често не е опција. Воедно, нагласија дека на работа редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг и сексизам.
– Овој 8 Март е време да му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и да ги сопреме неговите запчаници барем на еден ден. Сакаме да ги потсетиме институциите и јавноста дека повеќе нема да ги молиме полицијата и обвинителството да постапуваат навремено, туку будно повикуваме на вистинска заштита и поддршка за жртвите на родово базирано насилство и ќе продолжиме да се бориме за правда за сите жени кои го загубија животот поради системска негрижа и фемициди, посочија тие.
На протестот учесничките порачаа дека не им се потребни ружи кога немаат за леб. Маршот по Универзална сала продолжи по булеварот Партизански одреди, покрај Владата и преку мостот „Гоце Делчев“ до паркот Жена борец.
Организаторите повикуваат на женски марш и солидарен женски бојкот за да се одбележи денот на економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените.
„8-ми Март не е ден за симболични гестови и излитени фрази. Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб? Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите. А, во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија“, рекоа од Платформата за родова еднаквост.
Маршот, исто така, повика на вклученост на жените во урбанистичкото планирање, крај на експлоатацијата и работната дискриминација, како и на отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни стереотипи и предрасуди.
– Сакаме отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни стереотипи и предрасуди. Нема да дозволиме бришење на родовата еднаквост од нашето образование. Поголем баланс помеѓу професионалниот живот и приватниот живот, за поголема достапност на јавни услуги за рана грижа и образование и можноста за споделено родителско отсуство. Одговорно и сензитивно родово известување во медиумите но и заштита на новинарките. Наместо да предизвикуваат сензационализам, медиумите треба да го осудуваат насилството и да ги заштитат жртвите, порачаа тие.
Само околу 28 отсто од жените во земјава поседуваат имот, а во руралните средини само 5% од жените имаат имот на свое име (најчесто вдовици).
Само 18 од 100 анкетирани жени во руралните средини одговориле дека родителите рамноправно го распределиле имотот меѓу братот и сестрата, останатите биле родово дискриминирани во рамките на своето семејство.
Голема дискрапанца има и во (не)споделеноста на обврските во домот, кои во најголем дел паѓаат на грбот на жените. Ова може да доведе и до финансиска зависност од партнерот но и до економско насилство кое премногу често останува незабележано во претежно патријархалните општества, каде што жените трошат двојно повеќе време на неплатена работа од мажите и сочинуваат непропорционално поголем дел од невработеното население.
Инаку, денеска протести по повод Меѓународниот ден на жената се одржаа и во повеќе градови во соседството.
(Фото: Б. Грданоски)