(ГАЛЕРИЈА) Лени Кравиц по вторпат испиша историја во Македонија


Незапаметена пријателска атмосфера се случи вчера на концертот на Лени Кравиц во Скопје. ВИП-арената беше исполнета до последно место со публика од сите генерации.


– Добровечер, како сте? Многу сме благодарни што сме со вас оваа вечер и ви благодариме на убавото добредојде. Се прошетав низ Скопје и најдов многу љубов во Македонија – се обрати Лени на присутните.
Тој испрати и силни пораки за обединување и за почитување на различностите.
– Сите сме различни со причина. Да не се мразиме поради тоа, туку да се научиме да се почитуваме и сакаме поради различностите – додаде славниот музичар.


Се редеа хитовите како „We can get it all together“, „American woman“, „Low“, „Mr. Cab Driver“, „Dig In“, „Can’t Get You Off My Mind“, „Fly away“, „Are You Gonna Go My Way“, а за бис резервирани беа „Stillness of Heart“ и „Again“.


За време на „Let love rule“, Лени слезе од бината и се упати кон публиката на партерот. Ја обиколи целата сала поздравувајќи се со фановите и пеејќи заедно со нив. Да имаше време веројатно ќе се поздравеше со сите во публика.

Направи навистина да се чувствуваме пријатно и како да се познаваме цел живот. Лени е познат по таквите настапи, но секој негов концерт е уникатно доживување.


Продукцискиот дел беше на светско ниво, тоа и се очекуваше бидјеќи Кравиц дојде со своја опрема која броеше десет камиони, шест автобуси и тим од 60 луѓе кои се вклучени во оваа турнеја насловена „Raise Vibration“.


Салата „Борис Трајковски“ е често критикувана за неакустичноста, но на вчерашниот концерт се беше совршено. Траеше повеќе од два часа, што беше сосема доволно да ги регенерираме сите клетки и со насмеани лица да си заминеме дома. Така беше и пред десетина години на неговиот концерт во Охрид. Кога Лени одржува концерт, тоа влегува во историјата.
Лени довидување до следен концерт! А до тогаш „Let love rule“.

Ивана Настеска

фото: Борис Грданоски