Фридрих Мерц, ривалот на Меркел, стана лидер на ЦДУ

Дури во третиот обид Фридрих Мерц успеа да стане претседател на ЦДУ. Тој е дел од конзервативното крило во партијата


Честитки од двајцата ривали до Фридрих Мерц по неговиот избор

 

Фридрих Мерц е нов претседател на германските конзервативци од ЦДУ. Во изборот на членовите, поранешниот шеф на фракцијата на Унијата во Бундестагот, како што соопшти партијата, добил 62,1 отсто од гласовите. Гласањето на членовите треба да биде официјално потврдено на конгресот на партијата во јануари. Конкурентот на Мерц, Хелге Браун доби 12,1 отсто, а Норберт Ретген 25,8 отсто од гласовите.

Идниот претседател на партијата вети „добра соработка навистина со сите“ и сака да ги вклучи сите делови од партијата. Прашањето дали тој сака да го преземе и претседавањето со пратеничката група на Унијата во Бундестагот „во моментов не е на дневен ред“, рече Мерц; тој не се занимава со тоа. Неговиот избор исто така не е прелиминарна одлука за кандидатот за канцелар на следните сојузни избори.

Мерц успеа во третиот обид да стане партиски лидер. Тој беше поразен од Анегрет Крамп-Каренбауер во 2018 година и од Армин Лашет на почетокот на 2021 година. Помеѓу 2000 и 2002 година Мерц беше претседател на фракцијата на Унијата во Бундестагот, сѐдодека тогашниот партиски лидер Ангела Меркел не го отстрани од оваа функција. Во 2009 година ја напушти политиката и работеше како адвокат и претседател на надзорниот одбор на инвеститорот „Блекрок“, а од септември повторно е во Бундестагот.

Пред гласањето, 66-годишниот адвокат важеше за миленик на конзервативците и економското крило на ЦДУ.

Околу две третини од сите членови на ЦДУ учествуваа во изборот – вкупно 248.360 лица. Тоа е првпат во историјата на ЦДУ членовите да можат да донесат прелиминарна одлука за претседателот. За наследник на лидерот на партијата Армин Лашет, освен Мерц се пријавија и специјалистот за надворешна политика Ретген, како претходниот шеф на претседателството на владата, Браун. (Според агенциите)