„Френки гоус ту Холивуд“ се обединува за настап на Евросонг 2023


Ливерпул – Британската поп-група „Френки гоус ту Холивуд“ (Frankie Goes To Hollywood) повторно се обединија – следи нивен настап за време на свеченоста на отворањето на Евровизија на 7 мај, вон натпреварувачкиот дел.

Гитаристот на музичкиот состав од Ливерпул, Брајан Неш изјави дека тој и остатокот од бендот „ќе почувствуваат малку ‘скаузер’ (ливерпулска) љубов“ при настапот во живо, прв по 36 години во нивниот роден град. Групата беше една од најпопуларните во Велика Британија во текот на 1980-тите, а нивните најголеми хитови беа „Two Tribes“, „Relax“ и „The Power of Love“. 

Tиe беа активни од 1980 – 1987 и 2004 – 2007 година.

И новиот настап ќе биде со оригиналната постава на составот каде што влегуваат Холи Џонсон, Неш, Пол Радерфорд, Марк О’Тул и Питер Хил.  

Оригиналната постава не настапуваше заедно две децении, иако се реформираа без Холи и Брајан на неколку концерти во 2004 и 2005 година.

На врвот на славата во 80-тите

Повторното обединување значи дека поп-yvezdite – кои постигнаа три број еден со нивните деби-три синглови – се подготвуваат да настапат за прв пат заедно по 20 години, и прв пат со нивната соодветна постава од далечната 1987 година.

Првата вечер ќе се одржи во вторник, 9 мај, во 20 часот. Втората полуфинална вечер е во четврток, 11 мај.

Во првото полуфинале се натпреваруваат вкупно 15 земји, од ексЈу Хрватска и Србија. Полуфиналето ќе го отвори еден од фаворитите на годинешното натпреварување – Норвешка, а ќе заврши со уште еден голем фаворит – Финска.

Второто полуфинале ќе го отвори Данска, а ќе заврши со Австралија. Од ексЈу настапува Словенија.

Ќе се квалификуваат десетте најдобри земји од секое полуфинале, кои ќе се сретнат со големата петорка, како и со минатогодишниот победник Украина во големото финале во сабота на 13 мај.

Цените на билетите кои се пуштени во продажба започнуваат од 30 британски фунти (33,7 евра), а најскапите чинат 380 фунти (427,3 евра), пренесува Sky News.

Од Македонската Радио Телевизија лани соопштија дека годинава Македонија нема да учествува на Евросонг, поради енергетската криза. И други земји од регионот се откажаа заради високите трошоци.

Но, МРТ на своите сервиси ќе ја пренесува манифестацијата, двете полуфинални вечери и големото финале. Од МРТ се надевааат дека состојбата ќе се стабилизира, по што земјава повторно ќе се врати со учество на Евровизија во 2024 година.