Французин тргна пеш на пат околу светот


Откако доживеал несреќа во 2020 година, поради што неколку месеци бил в болница, 26-годишниот Французин Солал Хон одлучи да го исполни долгогодишниот свој сон и да го обиколи светот пешки. Тој тргна во јуни оваа година, а сега престојува на планината Прењ во Босна и Херцеговина.

– Минатата година паднав од балкон, висок шест метри, поради што минав неколку месеци во болница. Тогаш решив да го исполнам мојот долгогодишен сон – да го обиколам светот пеш. Пораснав со планинарењето со семејството, така што овој потфат не ме плаши. Најголемиот предизвик е да преживеете со 250 евра месечно, вели Хон.

Тој собрал пари за патувањето додека работел во Франција и очекува неговото патување низ светот да трае најмалку 6 – 7 години. Ноќите обично ги минува во својот шатор или во напуштените куќи и засолништа на патот. Покрај тоа, редовно користи и тн. „Каучсурфинг“ (Couchsurfing) – платформа за услуги и бесплатно сместување ширум целиот свет.

– Босанците и Херцеговците се одлични домаќини. Ми обезбедија сместување, храна и се дружевме. Имам од Јабланица ми дозволи да минам три ноќи во џамијата, додека чекав да пристигне вреќа за спиење по пошта од Франција. Тие, исто така, ми помогнаа и да најдам лаптоп преку кој редовно пишувам на мојот блог, вели авантуристот.

Тој посочува дека е воодушевен од природните убавини на Балканот. Минал по три недели во Словенија и во Хрватска, а во БиХ е веќе 15 дена. Придружуван е од Германец што го сретнал на патот.

– Патот продолжува во Црна Гора, а потоа во Албанија, Бугарија, Турција, Грузија, Ерменија, Иран, Пакистан, Индија, САД… Понесов и квалитетна зимска опрема со себе. Внимателно ги планирам сите ситници од патешествиево. Верувам дека ќе успеам!, нагласува Солал оптимистички.

Тој редовно споделува фотографии и снимки од неговите патувања на Инстаграм, а на интернет-страната „Tipeee“ има профил каде што е можно да се даруваат пари за поддршка на неговата голема авантура. На оваа платформа може да се следи целиот негов пат околу светот.