Францускиот премиер поднесе оставка

Оставката на Лекорну по 27 дена на функцијата, го прави најкратковечен премиер во француската историја, што ја втурнува земјата во политичка неизвесност


Францускиот премиер Себастијан Лекорну поднесе оставка, објави денес француската телевизиска станица БФМ, повикувајќи се на неименувани владини извори.

Канцеларијата на претседателот Емануел Макрон објави дека премиерот Себастијан Лекорну поднел оставка наутро во понеделник, 6 октомври, неколку часа откако беше формирана неговата нова влада.

Лекорну на функцијата премиер беше назначен од претседателот Емануел Маркон на 9 септември. По помалку од еден месец, тој денеска поднесува оставка. 

Макрон го номинираше 39-годишникот за следен шеф на владата на Франција, неколку часа откако ја прифати оставката на Франсоа Бајру, чија влада беше убедливо поразена на гласањето за доверба во понеделник поради плановите за намалување на буџетот за следната година за 43,8 милијарди евра.

Кабинетот на Макрон во соопштението нагласи дека претседателот го задолжил Лекорну да „се консултира со политичките сили претставени во парламентот“ за да усвои буџет и да продолжи со работењето на водењето на земјата.

Објавен составот на новата француска влада

Елисејската палата вчеравечер го соопшти составот на новата француска влада предводена од премиерот Себастијан Лекорну, објави телевизијата БФМ.

Најважните министерски места во новиот владин кабинет им се доделени на Ролан Лескир – министер за финансии, Жан-Ноел Баро – министер за надворешни работи, Бруно Ле Мер – министер за одбрана, Бруно Ретај – министер за внатрешни работи и Жералд Дарманин – министер за правда.

Откако ја презеде функцијата на 9 септември, Себастијан Лекорну одржуваше серија консултации во обид да го надмине проблемот со недоволното мнозинство во Парламентот и да избегне гласање за недоверба на следниот голем тест – гласањето за буџетот за 2026 година на есен, кое се покажа како фатално за неговиот претходник Франсоа Бајру.

Претседателот Емануел Макрон инсистираше премиерот да го формира својот кабинет до крајот на викендот, а во него треба да има 18 министри.

Првиот состанок на новиот француски владин кабинет беше планиран за денеска.

Оставката на Лекорну по 27 дена на функцијата, го прави најкратковечен премиер во поновата француска историја, што повторно ја втурнува земјата во политичка неизвесност.

Се повикува на избори

Во неделата вечерта, речиси четири недели по неговото назначување од Макрон, Лекорну го претстави својот кабинет, кој беше речиси идентичен со оној на неговиот паднат претходник, Франсоа Бајру. Но, веднаш се појавија пукнатини, при што членовите на неколку партии во владината коалиција изразија сомнежи и критики за недостатокот на промени.

Лекорну требаше да даде јавна изјава во 10:45 часот (париско време).

Жордан Бардела, претседателот на крајно десничарската Национална партија (RN), веднаш повика на предвремени избори. „Не може да има враќање на стабилноста без враќање на гласачките места и без распуштање на Националното собрание“, инсистира тој.

Жан-Лук Меланшон, лидерот на радикално левичарската партија LFI, повика да се поднесе предлог за отстранување на Макрон од функцијата. Матилд Панот, истакнат член на LFI, повика на оставка на Макрон по оставката на Лекорну. „Одбројувањето започна. Макрон мора да си оди“, рече таа во објава на X.