Франција нема да прави отстапки во преговорите за финансирање на европската одбранбена индустрија


Францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну изјави дека Париз нема да направи никакви отстапки во преговорите со Европска Унија за создавање механизам за финансиска поддршка на европската одбранбена индустрија.

– Улогата на Европската комисија е, и треба да биде, да го поддржи забрзаниот и поедноставен развој на европските одбранбени индустрии, а не да ги заменува земјите-членки, создавајќи дополнителни компликации и ограничувања. Мораме да подготвиме план за поедноставување на европските процедури и категорично да ја браниме програмата од Версај, усвоена во 2022 година, која предвидува зајакнување на европските одбранбени способности. Токму тоа е загрозено во тековните преговори за Европската одбранбена индустриска програма (ЕДИП), според кои нема да се откажеме од ништо. Во оваа област, подобро е да не се прави ништо отколку да се направи нешто погрешно, предупреди Лекорну.

Европската одбранбена индустриска програма, за која се преговара, предвидува буџет од 1,5 милијарди евра за периодот 2025-2027 година за да се поттикне купување на европска воена опрема наместо да се набавува од увоз.

Париз инсистира 65 проценти од компонентите што се користат во воената опрема да бидат од европско производство и телото одговорно за нивниот развој да биде европско за да може да се финансира од ЕУ.

– Планот за поддршка на европската одбранбена индустрија е корисен, но не треба да доведе до тоа парите на европските даночни обврзници да се трошат за производство на американска опрема по лиценца. Иако ова создава илузија за европска независност за некои, ние ќе бидеме зависни од стратешкиот пресврт на нашиот американски сојузник, потенцира Лекорну.