Франција без Дешам против Норвешка, го напушти СП поради смртта на неговата мајка


Селекторот на француската фудбалска репрезентација Дидие Дешам привремено го напушта Светското првенство поради смртта на неговата мајка Жинет и се враќа во Франција за да присуствува на погребот. Поради тоа, тој нема да го води тимот во последниот натпревар од групната фаза против Норвешка, кој се игра во петок во Бостон.

Француската фудбалска федерација (ФФФ) денеска ја потврди тажната вест, која дојде само еден ден по убедливата победа на Франција над Ирак со 3:0 во Филаделфија. Франција веќе обезбеди пласман во осминафиналето и ќе решава за првото место во групата во директен дуел против Норвешка.

Во договор со претседателот на Федерацијата Филип Диало, Дешам му ја довери одговорноста да го води тимот до неговото враќање на долгогодишниот помошник Ги Стефан. „Дидие Дешам нема да може да води тренинзи пред натпреварот Норвешка – Франција, ниту ќе биде присутен на клупата во петок на последниот натпревар од групата И“, се наведува во официјалното соопштение од Федерацијата.

Оваа вест доаѓа во време кога француската репрезентација бележи успех на Мундијалот. Дешам ги предводеше „сините“ до победи во првите два натпревари против Сенегал (3:1) и Ирак (3:0), со што Франција силно стартуваше на турнирот.

За Дешам, кој ги води сините од 2012 година и кој ќе ја напушти селекторската клупа по овој Мундијал, ова е уште еден тежок личен удар. Во мај 2022 година, исто така за време на собирот на репрезентацијата, почина неговиот татко.

Француската фудбалска федерација побара да се почитува приватноста во овие тешки моменти. „Во овој крајно болен момент сметаме на секој од вас да покаже најголема дискреција и воздржаност“, се заклучува во соопштението.