(Фото) Неверојатна трансформација на новиот министер во владата на Пленковиќ


Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ во понеделникот потврди дека министерот за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика Марин Пилетиќ ја напушта владата, а ќе биде заменет од директорот на Клиничката болница во Риека, Ален Ружиќ.

Можеби еден од поинтересните детали од биографијата на Ружиќ е неговата борба против дебелината. Имено, Ружиќ успеал да ослабе 98 килограми за пет години.

Тој имал проблеми со тежината уште од најраното детство. Веќе достигнал 65 килограми во прво одделение од основно училиште и бил потежок од својата наставничка. Додека тргнал на факултет, поминал низ разни диети, сите неуспешни и се вратил на старата тежина.

За време на студиите, достигнал 186 килограми, но како специјалист по интерна медицина, почнал да се едуцира за исхраната и да ги применува научните знаења врз себе.

„Само почнав да јадам попаметно. Мора да го почитувате дневниот ритам на оброците, распределбата на тоа што јадете и кога“, рече тој во интервју за „Јутарњи лист“ во 2015 година, додавајќи: „Потребата за храна не произлегува само од глад. Тоа е и емоционална потреба“.