(Фото-галерија) Матурантите танцуваа квадрил


Околу илјада матуранти, на скопскиот плоштад танцуваа квадрил, заедно со матурантите од другите градови низ земјава, но и во земјите од регионот, синхронизирано, во исто време.

Оваа манифестација, која се одржува по 13-ти пат има за цел да се поврзат младите преку танцот и музиката и токму преку тоа синхронизирано танцување да се постигне единство.

Матурантите облечени во сини и жолти маички, во боите на европското знаме, со сини чадори, танцуваа квадрил во четири слики.

Нив ги поздрави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов кој рече дека треба да се горди што живета во најубавиот град на Светот.

„За наша, за ваша, за сечија среќа ова е прв пат кога навистина можеме да ѝ кажеме на Европа: `Европо еве сме, тука сме, заедно сме, дел од вас сме`. Јас сум убеден дека вашите врсници од Европа од 25 различни земји за прв пат нѐ чувствуваат како дел од нив и за прв пат нѐ чувствуваат како заеднички дел“, рече Шилегов.

Тој им посака успешно лето, успешни уписи на факултет, а знаењата и искуствата коишто ги стекналево текот на четирите години во средните училишта да им помогнат од ден на ден да бидет подобри луѓе од тоа што се.

„Затоа што најелесно е да не сакаме, најлесно е да мразиме, да се караме, а вие сите знаете колку е всушност благородно да се вложува во љубовта, да се вложува во животот, во добрите односи со вашите блиски со луѓето кои ги знаете и оние кои не ги знаете“, реќе Шилегов.

Матурантите ги поздрави и претставник на Делегацијата на Европската унија во нашата земја.

„Денеска започнувате ново поглавје во вашиот живот, не трошете го залудно. Не затоа што јас или некој друг ви го кажува тоа, туку за вас самите. Ѝ требате на вашата земја за да напредува. Не заминувајте! Останете и променете ја вашата земја. Ѝ требате и на Европа! Нѝ требаат вашите соништа, вашата инспирација и енергија. Но, денеска треба да се забавувате и да уживате“, рече Лукаш.

Пред квадрилот матурантите дадоа изјава за ненасилство, изјава со која се испраќа јасна порака за разбирање, меѓусебно почитување и толеранција, доблести по кои ќе се препознаваат новите генерации.

На плоштадот „Македонија“, во петокот, имаше околу 1.000 матуранти од средните скопски училишта „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Никола Карев“, „Панче Арсовски“, Браќа Миладиновци“, „Георги Димитров“, „д-р Панче Караѓозов“, „Васил Антевски – Дрен“, „Арсени Јовков“, „Здравко Цветковски“, „Владо Тасевски“, „Димитар Влахов“, „Орце Николов“, „Лазар Танев“, „Шаип Јусуф“, „Илија Николовски – Луј“, „Јосип Броз – Тито“, „Кочо Рацин“, „Боро Петрушевски“, „Михајло Пупин“ и „Свети Наум Охридски“.
Освен во Скопје квадрил се танцува и во останатите градови од нашата земја Охрид, Струга, Гевгелија, Струмица и Валандово.

Традиционално, организатор на матурската парада е Диерекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот спортски клуб „Ритам плус“.

Главни покровители се Градот Скопје, Делегацијата на Европската унија во нашата земја и Агенцијата за млади и спорт.