Фосфорот под ледената површина на Енцелад, сателитот на Сатурн, може да овозможи живот
Научниците долго време бараат докази за вонземски живот во Сончевиот Систем. Во таа смисла, научници од Југозападниот истражувачки институт (СВРИ) во Сан Антонио, Тексас, САД, открија докази за присуство на фосфор во океанот со течна вода под ледената површина на месечината Енцелад којашто кружи околу планетата Сатурн. Тоа ќе рече – предуслови за развој на живот постојат, но не се знае дали постои и некаков облик на живот таму.
Тимот научници, меѓу кои и раководителот, д-р Кристофер Глајн од СВРИ – стручњак за вонземска океанографија, тврдат дека се откриени нови докази дека подземниот океан на Енцелад ги содржи клучните соединенија за појава на живи организми. Имено, забележан е фосфор во вид на фосфати којшто потекнува од мразот на тоа вселенско тело. При проучувањата, користени се собрани податоци од мисијата „Касини“ на НАСА, којашто го истражува Сатурн и неговите прстени и сателити веќе над 13 години. Написот е објавен во списанието „Нејчр“ (Nature) и „Сајенс дејли“ (Science Daily).
– Користевме геохемиско моделирање во 2020 година, за да предвидиме дали океанот на Енцелад е богат со фосфор. Така откривме изобилство од фосфор во примероците мраз што излегуваат од подземниот океан, изјави д-р Глајн.
Научното набљудување, заедно со лабораториските аналогни експерименти, говорат дека фосфорот го има во изобилство во океанот на Енцелад. Вселенското летало „Касини“ ја откри подземната неистечна вода на Енцелад и ги проучи шемите на парчињата мраз и гасовите коишто се ифрлаат во Вселената од пукнатините на ледената површина на Месечината. Анализата на мразот покажа присуство на натриум-фосфати.
Фосфорот во вид на фосфат е од витално значење за целиот живот на планетата Земја. Има неопходен удел во создавањето ДНК и РНК – молекули што носат енергија, и ги градат клеточните мембрани, коските и забите кај луѓето, животните и микробите. Животот каков што го знаеме едноставно не е можен без фосфати.
– Во океанот на Енцелад најдовме концентрации на фосфати најмалку 100 пати повисоки отколку во океаните на Земјата… Предвидувањето на присуство на фосфат е една работа, но вистинското наоѓање докази за присуството на фосфат е она возбудливото. Ова е неверојатен резултат за астробиологијата и голем чекор напред во потрагата по живот вон Земјата, нагласи Глајн.
Големите гасовити планети во Сончевиот Систем имаат бројни сателити со подземни океани во коишто е можна појава на живот. Можеби едно од најголемите откритија во светската наука последниве 25 години е дека океаните под површината од мраз се вообичаени во нашиот Сончев Систем. Тоа, се чини, е својствено и за ледените сателити на гасовитите планети, како што се Европа, Титан и Енцелад, како и подалечните тела како што е Плутон.
Вселенските карпести тела, слични на Земјата, со површински океани, мора да бидат доволно оддалечени од нивните гравитациони домаќини за да одржуваат температури што поддржуваат површинска течна вода. Меѓутоа, внатрешните океани може да се појават на многу поширок опсег на растојанија, што значително го зголемува бројот области погодни за живот коишто веројатно постојат низ целата галаксија.
– Геохемиските експерименти и моделирањето покажуваат дека таквите високи концентрации на фосфати се резултат на зголемената растворливост на фосфатните минерали на Енцелад, а можеби и други ледени океански светови во Сончевиот Систем, додаде Глајн.
Со ова откритие, сега е познато дека океанот на Енцелад го исполнува она што се смета за најосновен предуслов за живот. Следниот чекор е враќање на Енцелад во потрага на натамошни признаци за живот во океанот.