Формирана работна група за да се реши вандализмот

По повод се поакутниот проблем со несовесно третирање и однесувања кон јавните добра, пред сè поради вандализмот кон урбаната опрема, игралиштата и јавните површини, денеска во просториите на Владата на иницијатива на Министерството за локална самоуправа се одржа работен состанок меѓу претставници од повеќе министерства и Управниот одбор на ЗЕЛС каде се дискутираше за изнаоѓање на одржливи решенија.
Заложба на Министерството за локална самоуправа е да се постигне трајно системско решение со кое ќе се санкцонира таквото однесување, но и да се акцентира потребата од создавање на систем за правилен третман и превенција од ваквите случаи кои се честа појава.
За таа цел, Министерството за локална самоуправа, формираше работна група во која партиципираа и претставници од Министерството за транспорт, Министерство за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за образование и наука, Министерство за социјална политика, демографија и млади, како и претставници од Управата за извршување на санкциите – Сектор за пробација и од невладини организации, но и претставници на ЗЕЛС.
Беше констатирано дека е потребно трајно решение и отворен пристап на сите чинители кон проблемот со вандализмот, како и потреба од усвојување на ефективни механизми за справување со оваа појава.
Министерството за локална самоуправа, во рамки на актуелниот процес за изменување на Законот за локална самоуправа, оваа проблематика ја разгледува како една од клучните теми и истата е во фокусот од самиот почеток на процесот, а е една и од четирите основни темели на кои се базираат законските измени кои се подготвуваат. На потребата од зајакнување на механизмот на комунален надзор инсистираа и речиси сите досегашни учесници на серијата јавни дебати на кои се разменуваа мислења и предлагаа идеи во насока на заедничко изготвување на подобрен и модернизиран Закон за локална самоуправа, кој како процес го води Министерството за локална самоуправа.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински се заблагодари на пројавениот интерес на сите чинители и потенцираше дека е можен успех само доколку сите одговорни фактори застанат зад решенијата кои се предлагаат.
„Со изменетата законска рамка, практично ќе се создаде правна основа за зголемување на ингеренциите на постоечките комунални редари, материја која ќе се доуреди со Законот за комунални дејности. Во случајов, со овој механизам нема да се превенира само малолетничкиот вандализам, туку вандалското однесување и девијантните појави, без оглед на возраста на сторителите“, потенцираше Перински.
На средбата беше истакнато дека Министерството за локална самоуправа и натаму е отворено за сите иницијативи, идеи, предлози и сугестии кои би биле во интерес на поефикасно локално управување, од која корист ќе имаат не само општините, туку во најголема мера граѓаните.
Перински истакна дека Владата е посветена кон решение и продолжува да работи на системски решенија, базирани на точно определени, утврдени и идентификувани аномалии и потреби, прилагодени на потребите и барањата на сите чинители во локалната самоуправа, но и пошироко.
„Креирање долгорочни, инклузивни и одржливи решенија за подобра и посигурна иднина на нашите локални заедници, останува наша приоритетна цел“, истакна Перински.