Форбс: Апстрактната мода на „Лудус“ меѓу најдобрите на Модната недела во Љубљана


 

 

На 5. октомври македонскиот моден бренд „Лудус“ ја претстави новата колекција за пролет-лето 2024 година на Љубљанската модна недела, по покана на организаторите на настанот. Овој пат, модната недела се одржа во Центарот „Рог“ и меѓу прикажаните 42 ревии „Лудус“ беше повторно меѓу 11-те најдобри брендови во интернет напис во магазинот „Форбс“.

Колекцијата го привлече вниманието и на други интернационални медиуми како магазинот „Шон“, „Факинг Јанг“ и консултантската агенција „Пити Имаџине“.

 
 

Колекцијата е истражување во полето на „апстрактната мода“, каде главен принцип при дизајнирањето е „редукцијата“. Во најновото продолжение од серијалот колекции „Пост-родовост“ древните техники на природно боење се споени со другите одржливи практики на брендот како употребата на природни моноткаенини, шалблони и производи без отпад и сочувување на локалните занаети. 

Единствена декорација се текстурите што произлегуваат од ботаничките бои и тие ја поврзуваат оваа колкција со нашето материјално наследство. Резултатот е облека што е лична и блиска, спротивно на облеката наменета за свечени социјални прилики.

Брендот се залага за еколошко и етичко производство, па така материјалите се 100% природни, дел се обоени со природни состојки, а дел ги оживуваат локалните занаети и им даваат употреба во современото дизајнерско производство.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
Колекциите на „Лудус“ од  Драган Христов, дипломец на Академијата за ликовни уметности „Брера“ во Милано ги сочинуваат родово неутрални парчиња од висококвалитетни природни материјали изработени во естетски, минималистички, монохроматски и склуптурни силуети. Најновиот чекор на етикетата во одржливото и еколошко производство е рачното боење со природни ботанички состојки на дел од материјалите и производите, како и кроењето со нула отпад и оживувањето на локалните занаети и нивна трансформација во современи дизајнерски производи.
Ludus, -i (лат.) – игра, шега, забава, лудорија