Фон дер Лајен утре во посета на Македонија, тет-а-тет средба и работен ручек со Мицкоски


Фото: Б. Грданоски

Утре, 02.10.2026 година (петок), во 12 часот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе пристигне и ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Во рамки на посетата, во 12:10 часот е предвидена тет-а-тет средба со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на која пред почетокот медиумите ќе имаат можност да направат кратки видеоинсерти и фотографии.

Потоа следува работен ручек на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен со премиерот Мицкоски и членови од владиниот кабинет.

Во 13:45 часот предвидено е да се одржи заедничка прес-конференција на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерот Мицкоски во Медија центарот на Владата.

Фон дер Лајен ќе оствари средбa и со претседателката Гордана Силјановска-Давкова во 14:30 часот во Вила Водно и ќе го посети проектот за железничкиот Коридор 8, финансиран од ЕУ, заедно со премиерот  Мицкоски и со заменик-премиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Поради нејзиното доаѓање, во главниот град е воведен посебен сообраќаен режим. Клучни теми на разговорите се Планот за раст на ЕУ, евроинтеграцискиот пат на земјата и дијалогот со Бугарија.

Македонија е една од станиците на шестата годишна турнеја низ Западен Балкан на Лајен, која вклучува посети на Албанија, Косово и Црна Гора. Нејзините активности ќе бидат насочени кон следните чекори неопходни за напредок на партнерите на нивниот пат кон ЕУ и кон тековниот процес на постепена интеграција, поддржан преку Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, вреден 6 милијарди евра. Таа привремено ги одложи посетите на Белград и Сараево, кои се планира да бидат реализирани подоцна поради претстојните изборни процеси во овие земји. 

ЕУ подготвува нови „патокази“ за земјите-кандидати кои ќе станат дел од годишните извештаи, со цел појасно дефинирање на техничките чекори и реформите за влез во Унијата.

Регионалната турнеја започна вчера во Албанија. Во Тирана таа беше пречекана со протести и скандирања насочени против премиерот Еди Рама од страна на граѓани кои изразија незадоволство под мотото „Не сакаме ЕУ со Рама“.