Фон дер Лајен ја пофали улогата на Унгарија во процесот на пристапување на Црна Гора, Албанија и Србија
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна дека за време на унгарското претседавање со Советот на ЕУ, кое завршува на крајот на годината, била постигната пресвртница во пристапниот процес на Црна Гора, Албанија и Србија.
-За време на вашето претседателство, Европа беше проширена и надворешно; оваа недела постигнавте пресвртници на пристапниот пат на Црна Гора, Албанија и Србија, рече Урсула фон дер Лајен на прес-конференција во Брисел синоќа по завршувањето на состанокот на Советот на ЕУ.
Црна Гора затвори три поглавја во преговорите со ЕУ оваа недела, Албанија отвори уште еден кластер, а Советот за општи работи на ЕУ одобри испраќање писмо до Србија во кое ја поканува да ги достави своите преговарачки позиции за поглавјата 16 и 19 во рамките на кластерот за конкурентност и инклузивен раст.
Фон дер Лајен го пофали шестмесечното унгарско претседавање со Унијата, истакнувајќи дека тоа се случило во период на транзиција помеѓу два политички циклуси, што, како што рече, секогаш е предизвик. Таа укажа на амбициозната декларација од Будимпешта и нејзината истакната цел за конкурентна Европа, како и нејзиниот преглед за тоа што треба да направи ЕУ за да стане водечка дестинација за бизнис.
Таа посочи дека и за време на унгарското претседателство, укинувањето на контролите на копнените граници го отвори патот за Романија и Бугарија за целосно интегрирање во слободната Шенген зона, „таму каде што припаѓаат“.
-Тоа е голем чекор напред што ја продлабочува Европа внатре, рече Фон дер Лејен.
Како достигнувања за време на унгарското претседателство, таа ги наведе и усвојувањето на 15-тиот пакет санкции против Русија за поддршка на Украина, постигнувањето договор на Г7 за кредитна рамка и организирањето на многу успешен самит на Европската политичка заедница.