„Фолксваген“ пренаменува своја фабрика кон одбранбената индустрија
Фабриката на „Фолксваген“ во западногерманскиот град Оснабрик ќе се трансформира во центар за експертиза во областа на безбедноста и одбраната, соопштија денеска компанијата, покраината Долна Саксонија и инвеститорот „Аурелиус Капитал“. Производството на автомобили во фабриката ќе престане во 2027 година.
„Аурелиус“, како мнозински сопственик заедно со покраината Долна Саксонија, која поседува значаен удел во „Фолксваген“, ќе го преземе управувањето со фабриката со цел да ја одржи локацијата во функција на долг рок. Договорот ќе обезбеди работни места за речиси 1.400 од 1.800 вработени.
Се очекува првиот голем проект да биде партнерство со израелската компанија „Рафаел“, што произведува системи за ПВО, наведувани ракети и системи за електронско војување и е позната по својот систем „Железна купола“, што го штити израелскиот воздушен простор.