ФИТР: Продолжува напредокот на Македонија на листата на Глобалниот иновациски индекс


Продолжува напредокот на С.Македонија на листата земји кои вложуваат во иновации и иновациска структура што резултира во економски напредок. Државата годинава се искачи за уште две места погоре во однос на минатата, односно за 27 во однос на 2018 година, покажува најновиот извештај на Глобалниот иновациски индекс (ГИИ) за 2020 година објавен на 2 септември, соопшти Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Во глобалниот извешта кој рангира 130 држави во светот во однос на иновативните перформанси по 80 различни параметри, С.Македонија е на 57 место, што претставува значителен напредок и се должи, во значајна мера, на вложувањата во микро, мали и средни претпријатија од страна на Владата и Фондот за иновации и технолошки развој во изминатите три години.

Оваа година С.Македонија има голем напредок и во однос на зголемен степен на инвестиции во иновации од страна на домашните институции каде е рангирана на 46-то место што е за 6 места повеќе од минатата година, а особено повисоко во споредба со 2018 кога беше на 71-во место. Во однос на постигнатите резултати од иновациите, земјата го задржа 63-то место, како и во 2019 година, односно 30 места повисоко од рангирањето во 2018.

Споредбено со другите економии во Европа, од групата 37 земји со средно-високи примања, С.Македонија годинава има натпросечни оцени во четири од седумте столбови на Глобалниот иновациски индекс, кои се однесуваат на институции, инфраструктура, знаење и технолошки резултати и софистицираност на пазарот, што според извештајот се должи на подобрена бизнис клима и зголемено ниво на достапност на финансиски средства од државата за поддршка на домашната економија.

Во однос на останатите европски економии опфатени во студијата, С.Македонија има натпросечни резултати во делот на софистицираност на пазарот, каде е на 17-то место, што е значителен скок од минатогодишното 28 место. Овој индикатор покажува дека е остварен сериозен напредок во поглед на пристап кон финансиски средства и едноставен начин на заштита на малцинските инвеститори.

Во извештајот С.Македонија е рангирана на 13то место меѓу 37-те економии со средно-високо ниво на приходи во кои спаѓаат и земји како Русија, Кина, Бугарија, Малезија, Тајланд и Србија. Над очекувањата се и перформансите на иновациите и поврзаноста со БДП по глава на жител, споредено со нивото на развој на земјата.

Напедок во однос на минатата година има кај индикаторите за квалитет ISO9001 (ранг: 22) и високо- и средно-високи технолошки производи (21), а значаен успех има и во однос на еколошка оддржливост (17), бизнис климата (30) и заштита на интелектуална сопственост (23).

Во однос на препораките се наведува дека земјата треба да вложи повеќе во образование, подобрување на образовниот систем, како и зголемување на соработката помеѓу бизнис секторот и академската заедница, што е оценета на многу ниско ниво. Дополнително, извештајот посочува на потребата од поголеми вложувања во човечки ресурси и истражувања, во кои се очекува зголемен ангажман на Владата, а за кои ФИТР веќе развива посебни инструменти и програми за поддршка.

Швајцарија и годинава е на прво место, според анализата на ГИИ, а меѓу првите пет се и Шведска, САД, Велика Британија и Холандија, додека на дното се Гвинеја и Јемен.

Извештајот на Глобалниот иновациски индекс на иновации се објавува 13 години по ред од страна на Светската организација за интелектуална сопственост во партнерство со бизнис школата Инсед и Универзитетот Корнел од САД.