Фискалните политики и проекции во фокусот на средбата на Димитриеска-Кочоска со Мисијата на ММФ
Најновите макроекономски остварувања и фискални политики, како и проекциите за наредниот период, биле презентирани денеска на средба на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, со претставници на Меѓународниот монетарен фонд, предводени од шефот на мисијата, Ник Гигинешвили, и шефот на Канцеларијата на ММФ во Скопје, Себастијан Соса.
– На средбата е истакнато дека македонската економија во 2025 година оствари стабилен раст од 3,5 проценти, со забрзување на економската активност во текот на целата година и раст од 3,8 проценти во последниот квартал. Растот беше поддржан од домашната побарувачка, особено приватната и јавната потрошувачка, како и од позитивниот придонес на нето-извозот, а инвестициите на годишно ниво задржаа солидна динамика – информира Министерството за финансии.
Во однос на ценовните движења, било посочено дека податоците за периодот јануари – февруари покажуваат смирување односно надолен тренд на инфлацијата, но новонастаната состојба со војната на Блискиот Исток и цените на нафтата претставуваат сериозен предизвик за глобаланата економија.
Позитивни трендови, посочува Министерството за финансии, се забележуваат и на пазарот на труд, каде што невработеноста се намалува, а платите бележат раст.
Министерството за финансии посочува дека во фокусот на разговорите биле фискалните проекции и претпоставки со кои се предвидува постепена фискална консолидација, зајакнување на управувањето со јавните финансии и одржување на високо ниво на капитални инвестиции како двигател на економскиот раст. Буџетскиот дефицит е проектиран да се намалува во наредниот период со цел обезбедување долгорочна одржливост на јавниот долг. Било истакнато дека континуирано се вршат следење и анализа на состојбите со надворешното опкружување и можностите на државата соодветно да реагира со соодветни владини мерки.
– Наш приоритет останува одржување на фискалната стабилност преку постепена консолидација и дисциплинирано управување со јавните финансии, но истовремено и поддршка на економската активност преку силен инвестициски циклус и структурни реформи – истакнала министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.
Како што стои во соопштението, соговорниците ја поздравиле посветеноста кон макроекономска стабилност и реформскиот процес нагласувајќи дека ваквите политики се клучни за зајакнување на довербата и долгорочен економски развој.
– Од страна на претставниците на Меѓународниот монетарен фонд беше поздравена конзистентноста во реализацијата на буџетскиот дефицит за 2025 година на планираното ниво од 4 проценти како потврда дека фискалните политики се движат во правилна насока – се вели во соопштението од Министерството за финансии.