Филмаџиите на „Браќа Манаки“ закажуваат масажа во Битола  

Битола доживеа нејзини промотори да се поранешни гости на фестивалот кои ја претставуваат како град со душа


Центарот за култура каде што ќе се одржува фестивал (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Битола нема хотели од рангот на „Хилтон“, ниту „Мериот“, ама го има кафето на Широк Сокак, Пелистер, и срдечното добредојде за светските и домашните филмаџии од ИФФК „Браќа Манаки“. На еден ден пред почетокот на 44. издание на фестивалот, Битола се подготвува за еден од значајните културни збиднувања во градот што го прави значаен и на културната и на туристичката мапа во државата.

Во градот како никогаш досега за фестивалот доаѓаат од 350 до 400 филмаџии, поканети гости, од кои дури 160 се странски и 50 вип гости и двајца оскаровци. Откако хотелот „Епинал“ не нуди сместување, филмаџиите ги закупиле сите 150 соби во помалите хотели и хостели во градот и се бара кревет плус за вљубениците во филмот.

Битола доживеа нејзини промотори да се поранешни гости на фестивалот кои ја претставуваат како град со душа.

„Има три жени моќни во светот на филмската индустрија кои се заљубија во нашиот фестивал и велат Лос Анџелес врие од муабети за ‘Браќа Манаки’. Еден куп луѓе ја откриваат Битола, го откриваат Пелистер, во меѓувреме закажуваат за на масажа во Битола, па прашуваат каде имало, што имало. Ние не можеме да им понудиме синџир на хотели како ‘Хилтон’ и ‘Мериот’, ама ги букиравме сите помали хотели. Но, Битола дава нешто што не може да се најде на друго место – егзотика“, рече Симеон Мони Дамевски директор на фестивалот „Браќа Манаки“. 

Неодоливиот шарм на Широк Сокак (Фото: А. Блажевска)

Дамевски бара од битолчани да им покажат гостопримство на филмаџиите и да ја покажат душата на градот.

„Има фестивалски град во Полска, прекрасен готски стил, чисто од улица да јадеш, но сиво, снег, градот нема душа. Она што вие на овие гости можете да им го дадете е гостопримството, кафето на Широк Сокак – Добар ден, како сте што правите!. Никој да не ги малтретира, да уживаат за пак да се вратат следната година“, порачува Дамевски и вели дека Фестивалот ќе го заживее и економски градот во овие денови. „Сите пари што ги добивме од Битола за фестивалот ќе ги вратиме и фазла од тоа ќе потрошиме.“

Директорот на „Браќа Манаки“ Мони Дамевски (Фото: А. Блажевска)

Главните случувања на „Браќа Манаки“ во Битола ќе бидат во Центарот за култура, Офицерскиот дом, а покрај добар филм се најавува и возбудлив ноќен живот и забави по кафетериите на Широк Сокак и ноќните клубови. Сите шест дена коктел забави. Кафетериите на Широк Сокак ветуваат вкусно кафе и позитивна атмосфера. А дуќанџиите и занаетчиите тријат раце.

„По бранот на печалбари ова лето, се радуваме и на филмаџиите, можеби носат брендови и нема кај нас да купуваат кошули, но сепак секој како по традиција купува по нешто, по некој нишан од овде и носи за спомен во својата земја. Тоа е позитивно за нашата скромна економија“, вели дуќанџија од Широк Сокак. 

Црвениот тепих допрва ќе „легне“ пред Центарот за култура во Битола, засега е поставено е големото пано на фасадата и плакати со логото на „Браќа Манаки“ долж Широк Сокак. Пред Центарот за култура, зелените површини и цветните леи зрачат во сите бои. 

Она што е важно за првиот впечаток на гостите во Битола е јавната чистота, предочува Дамевски. 

„Затоа сакам градот да е поубав, да го уредиме, да го исчистиме, очите на уметниците ги гледаат недостатоците“, порачува организаторот.

Најважната работа е гостите во Битола да ги пречека чист град (Фото: А. Блажевска)

Од ЈКП „Комуналец“ Битола веќе се ангажираат и екипираат дополнително пред фестивалот. Директорот Горан Степановски вели дека Битола ќе се прикаже достоинство во делот на хигиената и чистотата на градот, но и тој апелира до битолчани на поголема свесност околу јавната хигиена.

„Петок вечер, ден пред отворањето на фестивалот, градот ќе се исчисти и измие со цистерна, особено ќе се внимава на централното градско подрачје. По отворањето, екипи во ноќна смена ќе се погрижат сѐ да биде во најдобар ред. Ќе се собира сметот и хартиите особено по Широк Сокак и градското Шеталиште, по парковите. Покрај редовните активности ќе има и засилување во кадар. Но, важно е и граѓаните да придонесат во целата слика за почиста Битола“, рече Горан Степановски, директор на „Комуналец“.