Филков: Правдата не смее да биде заложник на неспособни или компромитирани

Не брзаме, туку работиме навремено и суштински - тврди Филков за задоцнетите реформски закони за судството


Законот за судски совет, кој е во владина процедура и за кој Венецијанската комисија даде позитивно мислење, е коренита реформа на системот кој мора да функционира во служба на граѓаните, а не на интересите на малкумина, вели министерот за правда Игор Филков во интервју за порталот Курир.

– Јавноста е со право згрозена од скандалите и непотизмот во телото кое треба да биде чувар на судската независност. Она што го видовме од игнорирање на етичките норми до бегање од одговорност е неприфатливо во кое било демократско општество. Интерпелацијата не беше само политички чин, беше повик за морална одговорност. Но очигледно, некои ја изгубиле чувствителноста на јавниот срам. Затоа државата мора да постави нови правила кои нема да зависат од добрата волја на поединци, туку од јасни, законски дефинирани критериуми.

Со овој закон конечно се воспоставуваат објективни и мерливи критериуми за избор, оценување и разрешување на членовите на Судскиот совет. Преку транспарентна постапка, редовна евалуација, јасно утврдени конфликти на интереси и механизми за одговорност, градиме систем што ќе спречи злоупотреби, а не да ги прикрива.

Дали ќе има отпор? Да, ќе има отпор. Некои ќе зборуваат за „притисоци“ и за „интервенции“. Но не се работи за притисок, туку за крај на заштитени позиции без отчет. Овој закон ќе го врати Советот кај граѓаните, таму каде што отсекогаш требало да биде. Правдата не смее да биде заложник на неспособни или компромитирани поединци. Ова е нашата последна шанса да ја вратиме довербата во правосудниот систем и нема да дозволиме таа да биде уништена од оние што ја претворија во своја приватна тврдина – вели Филков.

Осврнувајќи се на Реформската агенда, тој вели дека тоа е патоказ кој сме го презеле како обврска пред граѓаните и пред Европската Унија.

– Реформската агенда не е само документ. Секоја точка во таа агенда значи нешто конкретно – фер судење, независен судија, заштита на жртви, поголема доверба. Тоа е агендата што сите претходно ја игнорираа, а ние интензивно и посветено работиме на неа. До денес, од осумте закони со рок до јуни 2025 година, седум се веќе испратени во владина процедура: Закон за Судскиот совет, Закон за платите на судиите, Закон за платите на јавните обвинители, Закон за платите на членовите на Судски совет на Република Македонија, Закон за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за судска служба и Законот за јавнообвинителска служба. Освен овие закони, до Влада се испратени уште четири: Закон за спречување на корупција и судир на интереси, Закон за парнична постапка, Закон за прекршоци и Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи – потенцира Филков.

Целта, според Филков, не е да одбележиме „закон доставен“, туку да доставиме закон кој ќе го издржи времето и тестот на довербата.

– Ние не брзаме, туку работиме навремено и суштински. Секој од тие закони е резултат на дебати, консултации и експертска работа. Реформите се сериозни – и тоа се гледа и од фактот дека Венецијанската комисија даде позитивно мислење за Законот за Судски совет. Тоа не е мала работа. Тоа е европски печат – додава министерот Филков.