Филиповски бара поддршка за зелен, чист и урбан Аеродром
Злоупотребата на јавниот простор станува минато, а за секој квадрат нов бетон во Аеродром, ќе има двојно повеќе зеленило. Фокусирани сме да обезбедиме и почисти населби, да направиме ре-организација на комуналните служби, а чистите улици и пешачки зони да бидат секојдневие. Ова го истакна Александар Филиповски, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Аеродром, на маалската средба во Паркот на светлината.
Присутните граѓани се интересираа и за зеленилото околу зградите, важноста од негово одржување и правилно уредување на јавниот простор.
Филиповски кажа дека особен акцент ќе стави на маалските паркови. Истите се најблиску до граѓаните, најмногу ги користат и природно е во нив повеќе да се вложува.
– Хуманизацијата на јавниот простор подразбира да креираме зони, маалски паркови по потребите на граѓаните. Покрај интензивното раззеленување, тие простори ќе добијат и содржини за децата, за младите и повозрасните, со што ќе се поттикне и маалскиот живот во населбите, посочи Филиповски.
Пред присутните граѓани се обрати и заменик – претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска. Таа потсети на реализираните проекти на СДСМ во делот на зголемување на платите и реконструкцијата на 60 градинки низ целата држава. Лукаревска истакна дека како општество тешко се изборивме за слобода и сега не треба лесно да ја испуштиме.
На крајот од средбата Филиповски истакна дека постои позитивна атмосфера и енергија за победа на СДСМ во Аеродром.
– Но, опуштање не смее да има. Подготвен сум да се видам со секој граѓанин, да зборуваме и за проблемите, дилемите, но и за новите решенија. Ветувам дека интензивната работа во оваа кампања, искрениот пристап и комуникацијата ќе ја задржам и во четиригодишниот мандат, заврши Филиповски.